
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Проф. Анастасов: Легото им дава самодоверба на децата
ФРСТ Лего Лига Македонија е меѓународна, мултидисциплинарна образовна програма, чија главна цел е да ги мотивира младите да истражуваат. Во пресрет на новата натпреварувачка сезона, разговаравме со проф. Гордан Анастасов, организатор на ФРСТ Лего Лига Македонија, за тоа што претставува ова движење, како изгледа процесот на натпреварување и зошто е толку важно за младите генерации во нашата држава.
Препорачано
ФРСТ Лего Лигата е дел од глобалната иницијатива FIRST® LEGO® League, која ги воведува децата на возраст од 4 до 16 години (во зависност од регионот) во светот на науката, технологијата, инженерството и математиката (СТЕМ) преку интересни и практични проекти со користење на LEGO® технологија. Преку оваа програма, младите учат како да решаваат реални проблеми, да работат тимски, да кодираат, и да развиваат креативни решенија.
Проф. Анастасов ни објасни дека ФРСТ Лего Лигата е едно глобално учење, кое е застапено во 104 држави од цел свет и е под капата на УНЕСКО.
-Сами знаеме каква „зараза“ им прави легото на децата и каква среќа. Особено како на децата им ја дава таа самодоверба којашто им фали. Преку оваа слобода тие добиваат самодоверба – објаснува Анастасов.

Овој пристап е уникатен како и за креативниот, така и за когнитивниот развој на децата – наместо возрасните да ги налагаат решенијата, на децата им се дава слобода да истражуваат и создаваат.
Тимската работа, комуникацијата и презентирањето на идеи се меѓу најважните вредности што децата ги учат на овие лего работилници.
-Ова не е индивидуално натпреварување, туку тимско. Децата треба да го покажат нивниот тимски дух, да ги покажат нивните ораторски способности, да знаат да се организираат во тимот – кој какви задачи извршува, како ги извршува, да знаат заеднички да работат на една иста работа…
Тој исто така додава дека многу често формалното образование не ги опфаќа овие животно важни вештини:
-Во денешницата, можеме да бидеме прекрасни инженери, ама ако не знаеме да бидеме добри оратори и нашите производи да си ги претставиме и продадеме – значи ништо не правиме.

И покрај ограничените ресурси и поддршка од институциите, младите тимови се успех на меѓународната сцена ФРСТ Лего Лига Македонија, која веќе бележи големи успеси..
–Имаме зад нас четири првенства на коишто настапувавме. Наши деца водевме надвор од државата, бевме во Детроит, во Либан, во Маракеш, а лани бевме во Бостон, во Масачусетс – гордо објаснува тој.