
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Не разбирам како може некој да загадува ваква преубава природа, вели словенечкиот амбасадор Прескер
Грегор Прескер од минатата година е амбасадор на Словенија во Република Северна Македонија. Тој за Македонија има само пофални зборови, вели дека е прекрасна земја, со убава храна, го издвојува предјадењето со ајвар, македонското сортно вино, интересните туристички места, традицијата, но и гостопримливоста на народот. Со Прескер ексклузивно го имаме првото интервју на македонски јазик за „Слободен печат“.
Препорачано
– Со сопругата бевме на исток, запад, север, југ, насекаде низ вашата земја, и секаде бевме срдечно пречекани, многу ми се допаѓаат природните езера, убавите планини, скијачките центри како Попова Шапка. Многу ми се допаѓа вашето предјадење со ајвар, малку месо, кашкавал, макала и многу зеленчук. Јас сум редовен гостин на културните настани овде, многу ми се допаѓа културниот живот посебно во Скопје. Секоја недела одам на некој културен настан, има многу концерти, опера, класична музика, ликовни изложби, одиме често и во театар – вели Прескер.
Прескер ја забележува нечистата животна средина како сериозен недостаток кај нас, на кој како што вели, треба многу да се работи.
– Јас не разбирам како може некој да загадува ваква преубава природа, како некој не се грижи доволно за убавините што ги има. Луѓето треба да бидат многу повеќе поврзани со природата и секој да придонесува вашата преубава земја да биде уште поубава и да биде привлечна за туристите да можат да доаѓаат и да уживаат. Ви недостасува поголема грижа за околината – рече тој.

Амбасадорот потсетува на тоа дека Словенија низ годините неизмерно го поддржува евроинтегративниот пат на Северна Македонија. Нагласува дека пред да дојде како дипломат во нашата земја, мислел дека уште многу малку е потребно за да се види крајот на процесот и да станеме кандидат за членство во ЕУ.
– И ние сакаме Северна Македонија да го постигне тоа што ние го постигнавме со членство во Европската Унија, бидејќи знаеме дека тоа ќе придонесе многу за развој на вашата земја. За жал, Северна Македонија има многу предизвици на тој пат, да стане членка. Јас мислам дека сега е многу важно Северна Македонија да покаже дека има навистина за цел да стане членка на Европската Унија и да го направи тој одреден чекор кој е многу важен, така што ќе им покаже на сите земји од ЕУ дека го почитува договореното. Гледаме дека други држави од регионот како Црна Гора, Албанија, Србија, прават многу побрзи чекори и напредуваат кон Европската Унија – вели Прескер.
Тридецениската меѓународната соработка меѓу Словенија и Македонија отворила бојни партнерства во областа на одбраната, надворешните работи, образованието, културата, а според амбасадорот најсилна поврзаност гледа во економијата и развојот.
– Имаме околу 43 милиони евра инвестиции од 2010 година досега, во различни проекти во вашата земја. Најголемиот број од проектите се со цел да вложиме во подобрување на животната средина, како подобрување на водоводните системи во неколку општини, за отпадните води, вложивме и во енергетска ефикасност, направивме и соларни панели во една градинка – рече Прескер.