Марија Мешкова/ Фото: Слободен печат-Принтскрин

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Како се станува најследена професорка по англиски јазик на Инстаграм?

Како дошла до идејата да ја создаде оваа платформа за изучување англиски јазик? Зошто се одлучила да одржува онлајн едукација, наместо едукација на традиционален начин? Како им помага на студентите да учат англиски јазик? За тоа како да станеш успешен во својот домен, зборуваме со Марија Мешкова, на јавноста позната како @ZenFluentMaria, најпознатата професорка по англиски јазик во Македонија, за чиј успех сведочат и огромниот број на следбеници на социјалните мрежи, (1.1 милион) каде што таа го пласира својот продукт.

Периодот на ковид-пандемијата, за Марија бил период кој го искористила мудро и креативно. Во тој период проникнала нејзината идеја – да креира своја платформа на која ќе предава англиски јазик.

– Секогаш сум ја изразувала таа креативна страна и барав некаков начин за да можам креативно да се изразам. Започнав многу различни акции и почнав и со приватни частови, претходно бев и во Кина и некако цело време бев насочена кон тоа да пробам да направам нешто јавно на социјалните мрежи. Во некој период каде што се барав себеси, така и никна самата идеја за да започнам и на Инстаграм, и на Јутјуб, и на ТикТок, на социјалните мрежи – вели Марија.

Своите предавања со студентите од Македонија, таа преферира да ги одржува во живо, а со студентите од другите држави ги одржуваат предавањата онлајн.

– Кога зборуваме за часови во живо, секогаш сум за, и сè што правам, сакам да е во живо. Заради тоа што, кога учиме јазик – тоа е жива материја на некој начин, и целата таа размена на енергија, кога учиме правилен говор и комуникација, е секогаш подобра во живо. Но, мора да се прилагодуваме, заради тоа што, нели, веќе сè е онлајн, сè е дигитално, така што, со студентите од Македонија, гледам да работиме во живо, а со студентите од странство, секако засега мораме онлајн – рече таа.

Марија Мешкова/ Фото: Слободен печат-Принтскрин

Околу 1.1 милион следбеници на Инстаграм, 700 илјади следбеници на ТикТок и 150 илјади претплатници на нејзиниот канал на Јутјуб. Овие бројки се доказ за нејзиното влијание и успех, а таа за „Слободен печат“ ја откри нејзината тајна за успехот која се крие зад овие бројки:

-Стигнав дотука со силна намера, влегов во ова со потполно препуштање и одредена цел. Имав голема желба за да создадам нешто и за себе, ама и да дадам нешто како сервис и како вредност на сите тие што или ќе ме гледаат или ќе работат со мене. Едноставно тајната е, напорна работа, но пред сè и добра намера за да одиш по некој пат, можеби да отвориш некој пат, и за себе и за другите за потоа да имаш некој послободен живот и да оставиш некаква вредност – откри Мешкова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот