
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Градинарот.мк: Ќе продолжам бесплатно да уредувам јавни површини, добивам само позитивни коментари
Андреј Рајатоски од Скопје, е момчето коешто се крие зад псевдонимот Гардинарот.мк, којшто за многу краток период стана популарен на социјалните мрежи (Јутјуб, Инстаграм и Тикток). На неговите видеа се гледа како тој самостојно, самоиницијативно, без никаков финансиски надомест, но со огромна лична сатисфакција, уредува јавни површини.
Препорачано
Во интервју за „Слободен печат“ тој открива зошто и како започнал со ова делување, која е неговата цел и какви реакции добива за тоа што го прави.
Идејата ја добил, како што вели, од странство.
– Многу често гледав странски видеа од ваков тип, не сме ние единствената држава којашто го има овој проблем со запуштени паркчиња. Желбата да почнам да снимам ми тлее одамна, но кога го шетав моето куче, едно местенце обраснато со трева ми привлекуваше внимание и решив оттаму да почнам. Така и започнав со снимање. Досега имам исчистено неколку локации, немам време за почесто иако сакам, но ми одзема време и снимањето, монтирањето на видеата, бидејќи сè правам сам – вели тој.
Рајатоски е невработен економист, живеел една година во Словенија, и вели дека не сака медиумски акцентот да се става на неговата лична приказна, туку на работата.
– Ова го правам од мерак, бидејќи го сакам градинарството, ме прави среќен, еден ден се надевам дека ќе заработувам од ова. Воедно би бил среќен и доколку се јават и други доброволци и се приклучат кон оваа мисија. Сите ние треба да тргнеме од себе за да имаме здрава животна средина – рече тој.
Изненаден е колку брзо станал видлив за пошироката јавност.
– Добивам само позитивни коментари, луѓето ме прашуваат како да ми надоместат, на пример имаше предлог да ми платат бензин за тримерот и сл. Јас лично не барам ништо од никого. Генерално добивам многу убави реакции и од луѓето што ќе ме сретнат на терен. Ќе бидам искрен дека не очекував видеата да станат вирални и ме радува директната комуникација со корисниците на социјалните мрежи – раскажува Рајатоски.
Погледнете го целиот разговор и запознајте се повеќе со Градинарот.мк на јутјуб каналот на „Слободен печат“.