
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | „Фактум“ – првиот правен асистент на македонски јазик направен од Вештачка интелигенција
Развојот на Вештачката интелигенција од ден на ден е во подем. Додека едни стравуваат за тоа дека ВИ ќе го замени човекот, други работат на нејзиното усовршување и адаптирање во секојдневието со цел оваа алатка да му го олесни животот на човекот.
Македонија го доби „Фактум“ (Factum AI), првиот ВИ правен асистент на македонски јазик. По што се разликува од „ChatGPT“, како ќе можеме да го користиме и дали е скапа оваа апликација, дознаваме од Димитар Чуковски, основач на „Фактум“.
Препорачано
– За разлика од сè што сте виделе досега за пребарување, оваа апликација го разбира прашањето, контекстот, дури и доколку додадете фотографија одлично ќе ја распознае и ќе ви ги достави точните информации кои ви се потребни. Идејата е да се заштеди време од пребарување на повеќе места, закони и други документи, да се заобиколи потешкиот пат и „Фактум“ да ги пребара сите наместо вас – вели Чуковски за „Слободен печат“.
Огромна е разликата помеѓу „ChatGPT“, кој ни дава оскудни информации, општи, појаснува Чуковски и „Фактум“, кој е специјализиран за правни прашања.
Идејата потекнува од адвокат, со цел оваа професија да прерасне во едно мобилно функционирање на фелата.
– Првично замислата беше ова да биде само една апликација за да им се овозможи на адвокатите да можат да функционираат во кое било време и секаде и да имаат лесна врска со клиентите, а да не мора да одат во канцеларија. На пример, да може да можат да работат и додека се во викендичка, а притоа да наплатат за услугата. Подоцна ја надополнивме со делот за Вештачка интелигенција и забележавме дека има огромен интерес, па така се насочивме кон тоа – рече тој.
„Фактум“ привлекува големо внимание и кај студентите, како што вели Чуковски, на апликацијата ги поставуваат книгите и бараат да им направи прашалник за испит, на тој начин ја учат материјата.