Фото: „Слободен печат“ / Методи Здравев

ВИДЕО+ФОТО | Автобус под Железничка се чека на сопствен ризик, се дише прашина во полутемница

Поради местоположбата на оваа постојка на главниот булевар, кој е под надлежност на Градот Скопје, за неговата хигиена е задолжено јавното градско претпријатие „Комунална хигиена“. Оттаму тврдат дека нивните служби редовно го чистат овој простор, иако сликата на терен го покажува спротивното.

Дебели слоеви прашина „натапкани“ над тротоарот, разлетани брошури од поминати културни настани во Скопје, расфрлени отпушоци од цигари, празни лименки и искршени стакла – вака изгледа просторот на преминот под Железничката станица на булеварот Кузман Јосифовски – Питу. Оттука минуваат пешаци и во вакви услови граѓани чекаат автобус на постојката која е лоцирана таму.

Железничка станица Фото: Принтскрин/Гугл мапс

Од Инфраструктура при Македонски железници на прашањето дали тие се одговорни за чистење на ѓубрето од овој простор и зошто тука долго време нема никакво осветлување, оттаму ни одговорија дека овие активности се дел од надлежностите на Општина Аеродром.

На прашањето до Општина Аеродром, пак, дали се надлежни за одржување на хигиената под Железничката станица, оттаму ни одговорија дека надлежноста за просторот кој е при главниот булевар е на Градот, додека пак тие, заедно со општина Центар се со поделена надлежност за одржување на просторот кај последните постојки на приградските автобуски линии. Поделбата на одговорностите е географска, односно едната страна припаѓа на Аеродром, а другата на Центар.

Автобуска постојка за приградските автобуси, за разлика од овој премин, која исто така се наоѓа под Железничката станица, поредовно се чисти и санира од комуналната служба, вели минувач кој е жител на општина Аеродром. Тој тврди дека неколку пати забележал како општинските комуналци ги чистат овие дваесетина постојки, кои служат како почетни и крајни станици за приградските автобуси.

-Живеам кај „Скопјанка“ и често поминувам под Железничка. Делот од каде тргнуваат автобусите е чист и уреден, не е сјаен, ама сепак нема прашини и е осветлен. Неколку пати гледам дека комуналци од Општина Аеродром ги чистат постојките и го собираат ѓубрето, не знам дали тие се надлежни ама сепак некогаш ги чистат постојките – вели тој за „Слободен печат“.

Фото: „Слободен печат“

Но, како што тврди нашиот соговорник, на преминот кај станиците на булеварот Кузман Јосифовски Питу, навечер не би поминал ни со придружба, а не му паѓа напамет да оди сам.

-Од тротоарот кај главниот булевар преферирам да поминувам само преку ден, а навечер постојано го избегнувам. Кога одам оттаму дишам прашина, премногу е мрачно, дури и во текот на денот, а навечер нема ни соодветно осветлување, местото е вистински „гоуст таун“ за пешаците и за оние кои таму треба да чекаат автобус.

Фото: „Слободен печат“

Според него, станицата близу влезот за на железничката станица е пофреквентна поради присуството на неколку угостителски објекти и аптека, а таму почесто има и паркирани таксисти, правејќи го овој премин пораздвижен за пешаците, кои според него се чувствуваат посигурни минувајќи оттаму.

Екипата на „Слободен печат“ отиде на терен кај оваа постојка на булеварот Кузман Јосифовски Питу под Железничката станица. Освен прашина, отпадоци и разлетани брошури, забележливо е и навистина слабото осветлување како на самата постојка, така и низ целиот премин, поточно на ова место не пречека вистински мрак на пладне.

Расфрлани плакати зад автобуската постојка / Фото: „Слободен печат“

Евидентен беше и малиот број луѓе кои стојат на автобуската постојка, безмалку ниту еден човек овде не го чекаше својот автобус, но минуваа бројни пешаци. Поради местоположбата на оваа постојка на главниот булевар, кој е под надлежност на Градот Скопје, за неговата хигиена е задолжено јавното градско претпријатие „Комунална хигиена“.

Оттаму тврдат дека нивните служби редовно го чистат овој простор, иако сликата на терен го покажува спротивното.

Фото: „Слободен печат“

-ЈП „Комунална хигиена“ има надлежност за одржување на хигиената на булевар Кузман Јосифовски-Питу, каде што се наоѓаат автобуските постројки под Железничката станица. Во овој реон редовно се врши рачно и машинско метење, како и празнење на корпите за ситни отпадоци- велат од градското комунално претпријатие и додаваат дека за последната постојка на приградските автобуси не се надлежни.

Постојаната негрижа за оваа постојка и просторот околу неа под Железничката станица од страна на градското претпријатие, не им дава голем избор на граѓаните. Тие или ќе пешачат до следната станица или ќе останат да го чекаат својот автобус среде прашина и отпадоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот