
ВИДЕО | Туфегџиќ: Ослободителната пресуда за Ѓорчевски е законита, но не добивме одговори на клучните прашања
Адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на таткото на убиената Вања, по денешната ослободителна пресуда за Александар Ѓорчевски, ја критикуваше истрагата, велејќи дека институциите не одговориле на суштинските прашања поврзани со случајот, киднапирањето и убиството на Вања Ѓорчевска.
Препорачано
– Денеска судот донесе законита одлука, меѓутоа оваа одлука е по своја суштина празна затоа што не ги добивме одговорите на клучните прашања, зошто е киднапирано и убиено ова дете, зошто по секоја цена се инсистираше Александар да биде дел од оваа постапка, иако од првиот момент се знаеше дека за него нема ниту еден доказ, изјави Туфегџиќ по објавата на пресудата.
Според Туфегџиќ јавноста има право да знае дали вмешувањето на Ѓорчевски било обид за дефокусирање од она што требало да биде предмет на истрагата, односно зошто институциите и одговорните лица не спречиле ниту предвиделе сериозен криминален план за киднапирање на луѓе кој обвинетите го правеле уште од 2022 година, согласно изјавата на обвинетиот Велибор Манев.
-Мислам дека е ред и Јавното обвинителство и началникот за сериозен криминал Дејан Димовски, и Музафер Кариќиќ, и сите лица кои учествуваа во истрагата против Александар да дадат одговор. Вклучително и Службата за државна безбедност – зошто овие лица не беа детектирани навреме? Ова се прашања на кои јавноста заслужува одговор, за да бидеме сигурни дека утре вакво нешто нема да му се случи на некој друг родител кој, не дај боже, ќе изгуби дете и ќе заврши во притвор, рече тој.
Туфегџиќ истакна дека неговиот клиент во моментов не размислува за поднесување кривични пријави, но додаде дека останува простор за правна анализа на целата постапка.
Тој го опиша Јавното обвинителство како „потполно конфузно“, особено по денешниот предлог за куќен притвор по ослободителната пресуда за Ѓорчевски, нешто што, како што рече, законот не го дозволува.
Доживотна казна затвор им беше изречена денеска на обвинетите Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се товареше дека давал информации за движењето на неговата ќерка, е ослободен од обвинение.
Судот одлучи мерката притвор спрема обвинетите осудени за доживотен затвор да се продолжи до правосилноста на пресудата, додека, по однос на Ѓорчевски се укинува мерката куќен притвор бидејќи е ослободен од обвинение.