Банкет салата во Белата куќа ќе чини 200 милиони долари/Фото: Бела куќа

ВИДЕО | Трамп гради нова банкет сала во Белата куќа, проектот ќе чини 200 милиони долари

Белата куќа добива банкет сала од 200 милиони долари, изјави во четврток портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит. Левит им рече на новинарите дека работата на објектот од 8.360 квадратни метри ќе започне во септември и ќе биде завршена „многу пред“ да заврши четиригодишниот мандат на Трамп во јануари 2029 година.

„Со години, претседателите, администрациите и персоналот на Белата куќа копнеат по голем простор за настани во комплексот на Белата куќа што би можел да прими значително повеќе гости отколку што е моментално дозволено“, рече Левит. „Претседателот Трамп ја изрази својата посветеност на решавање на овој проблем во име на идните администрации и американскиот народ“, додаде прес-секретарот на Белата куќа.

Големата балска сала, ќе биде финансирана од Трамп и донатори, рече Левит. Новата балска сала ќе има капацитет од 650 гости, трипати поголем капацитет од најголемата сала во Белата куќа, Источната соба, која се користи за државни вечери и големи настани.

Доналд Трамп неколкупати се пожали дека Белата куќа нема доволно голема сала за банкети.

Во последните недели, Трамп одржа неколку состаноци со членови на персоналот на Белата куќа, Службата за национални паркови, Воената канцеларија на Белата куќа и Тајната служба на Соединетите Американски Држави за да разговараат за спецификите на планирањето и распоредот.

Американскиот претседател ја избра компанијата „МекКрири Архитективс“, позната по својот класичен архитектонски дизајн, со седиште во главниот град на САД, за главен архитект. „Кларк Констракшн“ ќе го води градежниот тим, додека „АЕКОМ“ ќе го води инженерскиот тим.

Левит рече дека новата балска сала ќе биде сместена во постојното Источно крило на Белата куќа, објаснувајќи дека зградата ќе биде „модернизирана“ кога беше прашана дали делови од Источното крило, првично изградено во 1902 година, ќе бидат срушени.

Источното крило, кое е отсечено од главната резиденција на Белата куќа, ги сместува канцелариите на Првата дама, Воената канцеларија на Белата куќа и Канцеларијата за посетители на Белата куќа. Втор кат е додаден во 1942 година.

Проектот би можел да се покаже како најобемниот откако Хари Труман заврши целосно реновирање на Белата куќа во 1952 година, која првично беше изградена во 1800-тата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот