Новинарот на Клан ТВ Фуркан Салиу денеска влегол во инфективното одделение на штипската болница за лично во комуникација со пациентите да дознае каква е состојбата на терен, по обвинувањата кои дојдоа од семејството на 41 годишната жена што почина таму, дека молела за боца кислород во последните мигови од животот.
На инфективното одделение во Штип, новинарот на Клан ТВ наишол на пациенти со шеќерна болест, медицински кадар во видеото нема, а самите пациенти кажуваат дека молат за шише вода.
Михаела Довичинска, ќерка на 41-годишна пациентка која починала на штипското инфективно одделение со билатерална бронхопневмонија и Ковид 19, за ,,Слободен печат” сведочи дека кога се обидувала да ги добие сестрите и лекарите на двата оставени телефонски броеви, пред полноќ во петокот, тоа воопшто не можела да го стори. Телефоните биле исклучени.
-Последен пат се слушнав со нив во 9 вечерта. Ми рекоа, може ли подоцна да се слушнеме. Не само што не ми се јавија подоцна, туку и пред 12 двете линии беа исклучени! Што ќе се случи ако на некој пациент им е потребна нивната помош баш во ова време? Ако јас не можам да ги добијам, како ќе ги добијат пациентите? Мајка ми беше во соба со некоја жена која единаесетти ден била хоспитализирана и нејзината состојба била малку подобра. Таа жена не можела да стане од креветот, но имала глас, па кога на некој ќе му затребала кислородна поддршка, таа викала да се донесе кислород, зашто другите не можеа да дишат. Мајка ми во последните мигови од животот за 15 минути пет пати вртела на бројот и немало одговор. Најмалку што можеле да направат е да умре на кислородна поддршка, а не мачејќи се нив да ги добие. Мајка ми немаше никакви хронични болести. Не познавам жена поиздржлива од неа, многу издржувала. Не е ни прва ни последна која таму чекала за боца кислород. Како може да немаат боци со кислород! Едно сабајле мајка ми ми рече дека утрото воопшто немале боци со кислород, дека била приклучена на две инфузии и затоа се чувствува поизморено. Мене ништо не ми треба, само нека стават уште еден број за пациентите да може да ги добиваат и нека има некој на тој број да одговара на повиците, изјави ожалостената ќерка за ,,Слободен печат”.
Tаа додаде дека верувала во здравствениот систем, но дека тоа се променило откако го добила мобилниот телефон од мајка си.
Верував во нашиот здравствен систем и во грижата за пациентите. Но, воопшто не било се толку розово како што мислев. Мајка ми ми кажа дека еден или двајца лекари ја проверуваат во текот на ноќта и дека се надева дека баш тие ќе бидат на ноќната смена. Ги нарекуваше ,,моите пријателки”. Тоа автоматски значи дека има и некои таму што не и обрнувале внимание, додава Довичинска.
Објавата на ожалостеното семејство, всушност е индиција за можна неодговорност на медицинскиот персонал во штипската болница. Итно е неопходна промена во системот, отворање на поголем број на линии за информации на семејствата и за помош на пациентите. Државниот здравствен и санитарен инспекторат спроведува вонреден инспкециски надзор за случајот во моментот.
Инспекција во штипската болница: Кои лекари и сестри дежурале ноќта кога никој не ѝ се јавувал на пациентка оставена без кислород која почина?!