ВИДЕО: Самохран татко на три деца нема каде да живее, социјален стан не може да добие – немало празен

Фатих Куртиши е самохран татко на три малолетни деца, кој неколку години се обидува да добие социјален стан, за како што вели самиот, да можат и неговите деца да живеат пристојно. Дека  семејството Куртиши живее во многу лоши услови се увери и екипата на „Слободен печат“, а тоа, како што објаснува Фатих, го потврдиле и социјалните служби кои дошле во посета на семејството.

И покрај тоа, неодамна, Комисијата за станбени прашања повторно го одбила со образложение дека во моментов нема слободни станови наменети за лица во социјален ризик и според тоа Комисијата не може да го проследи предметот на понатамошна разработка.

– Ми велат дека во општината каде што живеам нема социјални станови, а законот бил таков што мора распределбата на стан да биде во истата општина. За мене не е проблем да се преселам и во друга општина, само да ги спасам децата од мизеријата во која живеат, но тоа не е можно, затоа што законот тоа не го дозволувал, вели Куртиши.

Сепак, општини во Македонија има многу, а од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор велат дека не можат во секоја општина да изградат социјална зграда, затоа што проектот за изградба на социјални згради се спроведува под многу строги критериуми.

– Објектите од ваков тип се градат на слободни локации кои според ДУП имаат намена за колективно домување добиени од страна на општините. Земјиштето на кое се изградени, се градат или ќе се изградат социјалните објекти е сопственост на државата. Потребата се утврдува по добиени сознанија од страна на  Министерството за транспорт и врски  и Министерството  за труд и социјална политика односно од подрачните одделенија од Центрите за социјална работа каде според нивна евиденција истакнуваат потреба од потребен број на  згрижување на социјално ранливи семејства. Предлогот потоа се доставува до Владата, велат од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор.

Сепак, Куртиши не е единствениот кому му е потребен социјален стан. Од Комисијата за станбени прашања велат дека барања за социјални станови има многу, а услов е да бидат жители на градот во кој живеат.

Во  2018 година  имавме 1075  барања за социјален стан, во 2019 година 688  барања, во 2020   година  472  барања, додека во 2021  до  7 месец  имаме  577  барања. Ве  информираме  дека   од  сите  барања во  просек  80%  барааат  стан  како социјално загрозени семејства  без решено  станбено прашање. Во  однос  за добивање на  социјален  стан  треба  да  бидат  жители  на тој  град  каде што има слободен социјален стан, ни одговорија од Комисијата за станбени прашања. 

Иако Фатих Куртиши ги исполнува условите за да добие стан од државата, државјанин е на Македонија со постојано место на живеење, корисник е на правото на гарантирана минимална помош и е самохран родители на три малолетни деца, а дополнително добил и препорака од Центарот за социјална работа, тој не може да се стекне со стан, само затоа што во Скопје нема празен социјален стан.

Прашавме и што прави МТСП и Центарот за социјални работи во таков случај, но конкретен одговор не добивме.

Во моментов социјални згради се градат во Пробиштип, Неготино,  Виница, Скопје- Бутел, Гевгелија, Демир Капија, Велес, Кочани и Пехчево.

А, додека да се изгради социјалната зграда во Скопје, Куртиши е подготвен да спие и во шатор пред Влада, бидејќи вели дека условите дома не се ништо подобри.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот