
ВИДЕО: Пустош по пожарите во Преспа – изгоре половина од паркот „Езерани“, штетата е милионска
Изгорена е речиси половина од копнената површина на Паркот на природата „Езерани“ во Преспа. Во серијата пожари во изминатите недели, уништени се околу 200 хектари под трска, над 160 хектари шуми и галерии од врби и тополи, околу 100 хектари ливади, околу 30 хектари шуми од евла, околу 15 хектари земјоделски насади и овоштарници, како и 10 хектари преодни вегетациски типови од најблиското крајбрежје на езерото, предизвикувајќи штети во вредност од милиони евра, проценуваат од Македонското еколошко друштво (МЕД).
Препорачано
Според анализата на МЕД, пламените јазици проголтале над 500 хектари под вегетација. Околу 50 отсто од зафатените површини на заштитеното подрачје се шуми и овоштарници и тие се целосно уништени.
„Половина од копнената површина на Паркот на природата „Езерани“ настрада во овој пожар, предизвикувајќи штети во вредност од милиони евра. Искрено жалиме за штетата која ја претрпе Преспа и се обврзуваме дека и во иднина ќе продолжиме да работиме на подигање на јавната свест за значењето на природата“, вели Лазар Николов од МЕД.
Од Паркот на природата велат дека пожар од вакви размери досега немало. Изминатите години во и околу паркот, се случувале помали пожари кои се карактеристични во периодот февруари-април кога вегетацијата е многу слабо равиена, заради што и немало големи последици. За разлика од сега, сушниот период во подрачје со многу лесно и брзо горлива вегетација, допринесе за пожар од ваков интензитет и размери кој предизвика огромни последици врз квалитетот на живот на локалното население, биолошката разновидност, како и квалитетот на водите од Езерото.
Паркот на природа „Езерани“ е заштитено подрачје од IV-та катергорија според Законот за заштита на природа, согласно критериумите на Меѓународниот сојуз за заштита на природа (IUCN), а претставува и национално и светско природно богатство со кое треба да се гордее целата држава.