
ВИДЕО | Нино Васев бара други обвинители, а не Ана Гоговска Јакимовска од ОЈО Скопје
Адвокатите на поранешниот директор на Клиниката за онкологија доктор Никола Васев, кој е првообвинет во предметот за тешки дела против здравјето на луѓето и за несовесно лекување болни, денеска побараа скопското Обвинителство. коешто го застапува обвинението против Васев, да биде изземено од постапката. Новите адвокати на Васев, Боби Спирковски и Дељо Кадиев поднесоа барање за преземање на кривичното гонење од страна на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски или да се делегира предметот на друго јавно обвинителство – во Битола, Гостивар или Штип.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Ова го бараме од причина што оценивме дека обвинителните акти што се предмет на овие две судски постапки за случајот „Онкологија“ се нестручно и непрофесионално направени и дека Обвинителството дозволило стручен советник да му го води предметот без правна контрола врз него.
Утврдивме дека доказите во предметот не докажуваат никаква вина, дека обвинетиот не ги сторил кривичните дела што му се ставаат на товар, дејствијата што му се ставаат на товар не се кривични дела, никаква штета не направил ниту можел да направи. Ниту некаква корист успеал да овозможи, ниту можел да овозможи. Тоа се драстични работи.
И за тие драстични работи побаравме мислење и повторна реевалуација на двата обвинителни акти од државниот јавен обвинител кој го има тоа законско право.
Поради ова поднесено барање, судењето на кое требаше да сведочат ќерка на покојна пациентка и сопруг на почината пациентка на Онкологија се одложи за 8 октомври на барање на обвинителката што го застапува обвинението, Ана Гоговска Јакимовска. Во меѓувреме државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски ќе одлучи за барањето на адвокатите во врска со обвинението за несовесно лекување болни пациенти на Клиниката за онкологија.

Забелешките на адвокатот Спирковски се бројни, но главната се однесува на техничкиот советник доктор Милан Ристевски кој бил директор на Клиниката за онкологија пред доктор Никола Васев.
– Суштината на која забележуваме е дека кога обвинителството работи предмет од медицински аспект што не е чисто правен аспект, мора да се наоружа со „нужно знаење“. Не може да оставите лекарот да ви кажува што ќе биде и тој да ви го пишува обвинителниот акт.
Вие мора да се запознаете со таа работа, да читате, да прашувате и да се обезбедите со нужно познавање на материјата која е предмет на обвинителните акти што овде не е направено. Во другиот предмет има економско вештачење од кое 13 страни се мислење на техничкиот советник од медицински аспект.
Што бара медицината во економско вештачење? Тоа е мешање. Такво мешање имаме секаде. Тој ја води целата работа. Обвинителството не смее да дозволи. Тоа мора да се реевалуира, рече Спирковски.
На денешното судење поради неуредна достава не се појавија законските застапници на шест починати пациенти кои биле лекувани на Клиниката за онкологија како и еден оштетен кој бил уредно повикан.
Дали ќе се одземе техничкиот советник доктор Милан Ристевски, уште не е одлучено од страна на судот.
Обвинети покрај Никола Васев се и онколозите од Клиниката, докторите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски. Тие се обвинети за несовесно лекување болни.

Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба. Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката Нехат Нухи е поднесено уште едно обвинение за финансиското работење на Клиниката.

Докторката Мери Пешевска за која предметот се раздвои откако таа призна вина, доби условна осуда. Таа призна дека го оставала својот факсимил и лозинка за влез во внатрешниот компјутерски систем на Клиниката за онкологија, после што во нејзино име некој друг раздолжувал терапија со нејзините генералии.