Африм Фидани - нов претседател на Врховен суд Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕО | Највисоката судска власт очекува ефикасна постапка за Кочани – тој што е виновен да одговара, тој што е невин да биде ослободен

Претседателот на Судски совет Александар Камбовски очекува ефикасно и ефективно да се спроведе постапката, односно судењето за Кочани, а новиот претседател на Врховен суд Африм Фидани ги објасни причините зошто одлучиле предметот да се суди во Кривичниот суд во Скопје кој сега доби и нов ВД претседател.

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

– Очекувам ефикасно и ефективно да се спроведе постапката и да ја добијат и граѓаните и државата и сите ние да добиеме едно правично и фер судење во кое се надеваме дека тој што треба да одговара ќе одговара, ако е некој погрешно обвинет да биде ослободен – рече Камбовски.

Фидани рече дека ценеле дека најцелисходно би било предметот за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, што беше оформен по поднесен обвинителен акт од кочанското Основно јавно обвинителство да се прати во Основниот кривичен суд во Скопје.

– Претходно одржавме состанок на кривичниот оддел и го разгледавме предметот, по што се формираше совет за одлучување. Ги анализиравме сите укажувања што беа дадени од страна на Апелацискиот суд Штип и увидовме дека најцелисходно би било предметот да се оформи во Основниот кривичен суд Скопје – рече Фидани.

На прашањето за причините поради кои предметот не може да се суди во судовите од штипското апелациско подрачје, Фидани објасни дека извештајот од штипска Aпелација укажувал на одредени проблеми.

– Што се однесува до Основниот суд Кочани, каде јас бев исто така одговорен и подобро ги знаев околностите таму, недостасуваат човечки ресурси, пред сѐ судии. Штипска Aпелација направи и анализа за состојбата со другите судови со проширена надлежност на подрачјето на штипска Апелација. Ги анализиравме сите аспекти и ценевме дека најцелисходно би било предметот да се прати во Основниот кривичен суд во Скопје – додаде тој.

Африм Фидани – Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Фидани денеска даде свечена заклетва во Судскиот совет по повеќе од еден месец откако беше избран на функцијата на седница на Судскиот совет.

– Изјавувам и се колнам дека функцијата претседател на Врховниот суд на Република Северна Македонија суд ќе ја вршам чесно, совесно, независно и одговорно, ќе ги почитувам Уставот и законите на Република Северна Македонија и дека ќе ги почитувам слободите и правата на Граѓанинот – рече Фидани.

„За“ избор на Африм Фидани за претседател на Врховниот суд на 26 мај гласаа осум членови на Судскиот совет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот