
ВИДЕО: Македонија доцни 70 години зад светот – до крај на 2021 ќе се постават вендинг машини
Голем дел од граѓаните во Македонија се уште не знаат што претставуваат вендинг машините и како функционираат истите, иако поставувањето на вакви машини започна во далечната 1970 година во Норвешка, а примерот го следеа сите земји во Европа и светот.
Препорачано
Вендинг машини се многу успешен глобален проект кој на еден едноставен начин ја одржува планетата почиста, истовремено поттикнувајќи ги луѓето да рециклираат отпад, со тоа што им враќа парични средства со секое рециклирано шише или лименка. Практиките на рециклирање се добро познати низ светот уште одамна, но се добива впечаток дека во Македонија свеста за овој процес на преработка на материјали е на ниско ниво, посебно ако се спореди со земјите од Западна Европа. Скандинавските земји котираат многу високо на листата на најуспешни рециклирачи во светот, заедно со Словенија, Јужна Кореја и Австрија, а на самиот врв е Германија, каде дури 68% од вкупниот комунален отпад минатата година беше успешно рециклиран.
На светскиот ден на рециклирањето со Ико Брдаровски од Друштвото за управување со отпад од пакување, „Пакомак“ ја отвораме темата за поставувањето на вендинг машини за селекција на отпад и поврат на средства кај граѓаните.
– Уште пред две години во акциониот план на „Пакомак“ беше планирано развој на вендинг машина за собирање на пластика, односно алуминиумски отпад и лименки. Склучивме договор со Фондот за иновации и во моментов работиме на развој на таква машина. Проектот завршува во јули оваа година, така што очекувањата се дека до крајот на годината ќе почнеме со поставување на вендинг машините. Нив ќе можат да ги користат сите, нема да има никакви ограничувања. Бидејќи се работи за голема инвестиција, и не можеме да поставиме машини насекаде истовремено, најпрво ќе започнеме да ги поставуваме машините во Скопје, а потоа и во другите градови. Сметам дека за 4-5 години ќе имаме солидна покриеност по градови со вендинг машини, бидејќи тие ќе бидат клучот во исполнување на националните цели кои се високи, а нас ни ги поставува Европската Унија, објаснува Брдаровски.
Граѓаните кои ќе ги користат тие машини ќе имаат одредени придобивки. Со секоја употреба на машината ќе собираат зелени поени кои ќе можат да ги трошат во маркетите или со нив ќе добијат попуст на одредена комунална услуга.
Вендинг машините работат на многу едноставен концепт: корисникот во машината става отпад за рециклирање во форма на производ (пластично шише, лименка, стаклено шише), а за возврат добива вредносен купон или пари.
-Од 2011 година откако активно функционира „Пакомак“ интензино работиме на подобрување на условите за рециклирање како и на едукација на населението во однос на селектирањето на амбалажниот отпад. На секои две години правиме и истражувања, за да знаеме дали се движиме во вистинска насока и од податоците кои ги добиваме можеме да кажеме дека луѓето се свесни за придобивките од рециклирањето. Потребно е само да се создадат услови за да можат да рециклираат, а за тоа треба да се вклучат повеќе чинители во државата, треба доследно да се почитуваат законите кои се во функција и да се реши проблемот со неформалните собирачи на отпад. Темата е комплексна но се надевам дека еден ден ќе биде приоритет на оние кои се на раководни функции, вели Брдаровски.
Преку реупотреба на отпадот, рециклирањето помага да се намали: загадувањето на воздухот и водата, употребата на енергија, потребата за сировини како дрво, пластика и минерали. Со рециклирање се намалува загадувањето предизвикано од производството на нови производи, што е еден од најголемите фактори за намалување на емисиите на штетни гасови – проблем кој редовно ја мачи нашата земја, а особено главниот град.