
ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Весев: Македонскиот полициски синдикат со МВР има добар социјален дијалог
Македонскиот полициски синдикат од своето основање егзистира и функционира како синдикална организација на вработените во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Агенцијата за разузнавање и Управата за финансиска полиција. Определбата на Синдикатот се темели врз професионално извршување на работните задачи од полициските службеници, од една страна и остварување на правата на вработените и подобрување на условите на работа, од друга страна.
Препорачано
-Според последните истражувања на Министерството за внатрешни работи, довербата на граѓаните спрема полицијата е една од највисоките во државата, односно се движи од 65% од вкупното население. Ова доаѓа како резултат на нашата посветеност на заштита на правата на граѓаните и да бидеме реален сервис што ќе обебеди поголема сигурност и заштита на нивните граѓански права. Кога се говори за платата на полициските службеници секогаш може да се говори за одредено незадоволство и поради ова сознание како полициски Синдикат секогаш се обидуваме максимално, во континуитет да го оствариме правото во делот на покачување на платата. Ова наше барање го реализираме со цел полицијата да има еден нормален живот според условите во општеството и ова го правиме во соработка со министерството за внатрешни работи. Нашето искуство е дека МВР ги надоместува вонредните додатоци на вработените и имаме добар социјален дијалог. Ниската плата на полицискиот службеник е предуслов за корупција и земање мито, а како полициски орган вработените се максимално професионални. Во однос на прекувремените часови можам да кажам дека редовно се исплатуваат, потоа надоместокот за храна во ноќните смени и бонус на плата во последните 5 години константно се исплатува што се зборно се големи придобивки за вработените во МВР, а кои се членови на полицискиот синдикат. Ова го истакна м-р Томе Весев, потпретседател на Македонскиот полициски синдикат во емисијата Утрински печат на Слободна ТВ.
Македонскиот полициски синдикат се повеќе се профилира како фактор без кој Министерството за внатрешни работи не може да пристапи во процесот на реформа на Министерството. Членови на Синдикатот учествуваат во работни групи на ниво на Министерство и на тој начин имаа можност да ги пласираат и бараат да се прифатат решенијата и идеите што произлегуваат од синдикатот. Работата на вработениот во овие работни групи го дефинира интересот на двата субјекта интересот на министерството и интересот на Синдикатот.
-Ние сме професионалци и вработени полициски службеници, од една страна и синдикатот како граѓанска организација, која треба да биде фактор за реформи во општеството или одредени промени во рамки на министерството, од друга страна. Како Синдикат ги детектираме работите и при формирање на ваков вид работни групи, членовите директно ги изнесуваат ставовите на Синдикатот за конкретно прашање што треба да биде решено. Решението треба да биде во интерес на Синдикатот, а истовремено ние сме свесни дека сме вработени во министерството и таквото решение треба да биде целосно во насока на исполнување на нашите професионални обврски и задачи. Истовремено се залагаме да биде во насока на унапредување и заштита на правата на вработените,- истакна потпретседател на МПС, Весев.
Во рамките на својата работа Синдикатот посветува внимание на заштита на правата на жената во процесот на работа и реагира правно и едукативно кога станува збор за ова прашање. Истовремено секоја припадничка има право ако биде изложена на говор на омраза, мобинг, малтретирање и сл. Соодветно да се обрати до надлежните и да се заложат за нејзина заштита, односно да биде применето во пракса правото на еднаквост. Во овој период нема претставки што укажуваат дека се повредени правата на припадничките од женски пол што се вработени во МВР и очекувањата се дека ваквата тенденција ќе продолжи зашто системот на заштита реагира превентивно.
-Ова е долгорочен процес на Синдикатот во однос на обезбедување на рамноправност, посебно во рамки на полицијата. Можам да кажам дека имаме голема добивка или голем напредок во овој сегмент затоа што со новиот Колективен договор беше обезбеден родовиот речник, а во однос на дискриминацијата, секоја наша службеничка и членка на Синдикатот ова прашање може да го институционализира и да биде заштитена. При појава на случај на дискриминација, ние имаме служба на внатрешна контрола што врши испитување по однос на пријавата и ако навистина биде утврдено повреда освен дисциплинска одговорност, ако има основа може да биде поведена и кривична постапка пред другите институции. Како Синдикат немаме евидентирано ниедна поплака од припадничка во органот по ова прашање, а она што е уште поважно во нашата работна средина нема ни чувство за проблеми од ваков вид, а уште помалку конкретен пример за дискриминација спрема припадничките во МВР,- истакна потпретседателот Весев.
Професионалното извршување на работата е карактеристика што полицискиот синдикат го практикува посебно во односите со граѓаните
-Во извршувањето на полициската работа, можам да кажам дека во односите спрема граѓаните не пости дискриминација. Ние утврдивме систем на заштита на граѓаните од дискриминација и бројот на пријави за ваков вид прекршување од страна на вработените во МВР е многу мал Граѓанинот може да мисли дека му е повредено некое право, но наша задача е целосно да го испитаме случајот и објективно да донесеме решение. Како полициски службеници односот спрема граѓаните е на високо ниво. Секоја пријава на граѓанинот задолжително се обработува и се постапува по неа, потоа во МВР има отворено бесплатна телефонска линија со цел да се пријави повреда на правата на граѓанинот од службеник на министерството. Поставен е систем што не зависи од волјата на поединецот дали има желба да го процесира одреден случај, односно мора да се постапи по секоја пријава што доаѓа до органот.
Од меѓународната активност на Синдикатот е претстојната средба во Софија што е закажана за 9 мај годинава
-Во Софија ќе се состанат полициските синдикати од неколку држави на Балканот, а целта е да биде формирана Балканска унија на полициски синдикати. Сите прашања од интерес на полициските синдикати ќе бидат теми за кои сакаме да разговараме и да утврдиме стандарди со колегите од регионот.