Марјан Ѓорчев, политичар и дипломат/ ФОТО- Слободен печат

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Марјан Ѓорчев, политичар и дипломат: ЕУ направи страотна грешка и тоа ќе се докаже

Треба сами да се избориме за нас, да прекинеме со тој нихилизам, да им кажеме дека ние сме древна земја, древна култура, древна цивилизација. И други сакаат да се идентификуваат со Македонија, но нив ги нема во Библијата, вели Марјан Ѓорчев во интервјуто за „Слободна ТВ“.

Ние не успеавме да го дефинираме односот кон нашето национално прашање. Исто е и со односот спрема нашите соседи, спрема меѓународните асоцијации и во сите тие сегменти од самиот почеток на нашиот плурален систем. Мој впечаток е дека пред осамостојувањето, иако тогаш беше еднопартиски систем, друга општествена формација, имавме јасна перспектива на каде треба да се движи Македонија, вели Марјан Ѓорчев, политичар, дипломат и публицист во интервјуто за „Слободна ТВ“.

Тој додава дека со плурализмот настана едно раслојување, но не од идеолошки причини, зашто таквите формации на леви, десни или центар не беа суштествени. Што се однесува до нашите евроинтеграции, Ѓорчев е револтиран од односот и од потезите на таканаречената меѓународна заедница.

Марјан Ѓорчев, политичар и дипломат/ ФОТО, Слободен печат

– Нам неправедно ни го стопираа европскиот пат, нè блокираше Франција, па и Холандија и Данска. Тоа е страотна грешка на Европската Унија и тоа и историски ќе се докаже. Еднаш велат направете го ова, другпат направете го она, па потпишете го овој договор, потпишете го оној договор и веднаш ќе ги почнете преговорите, но и кога го правевме тоа, тие пак нè блокираа. Затоа сметам дека треба сами да се избориме за нас, да прекинеме со тој нихилизам, да им кажеме дека ние сме древна земја, древна култура, древна цивилизација. И други сакаат да се идентификуваат со Македонија, но нив ги нема во Библијата, ги нема ниту Грција, ниту Србија, ниту Бугарија, ниту Албанија – вели соговорникот.

Ѓорчев нема дилема дека, како општествено-економска формација, како вредносен систем, како економски однос и како производствен однос, ние сме определени кон западниот свет. Но, вели, тоа не значи дека кога ќе се соочиме со претставници од западниот свет, треба да им ги премолчуваме нашите историски и актуелни аргументи. „За да одиме кон ЕУ во моменти кога имаме закочен процес, а очигледно е закочен, иницијативата Отворен Балкан дава можност да преживееме, дава воздух да можеме да дишеме“.

– Јас сум од генерациите од педесеттите години и мора да кажам дека малку сум разочаран од новите генерации, од новите поколенија што во сè поголем број ја напуштаат татковината. И тие се разочарани од нас повозрасните зашто и ние не сме ги постигнале целите за кои на почетокот се залагавме и тоа двојство е очигледно – вели политичкиот ветеран Марјан Ѓорчев.

Повеќе од разговорот погледнете во видеото во продолжение

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот