Јан Липавски - министер за надворешни на република Чешка / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Јан Липавски, министер за надворешни работи на Чешка: Билатералните прашања не може да се решаваат во Брисел

Единствениот начин како може да се решат билатералните прашања е дијалогот, не Брисел. Добро е што Северна Македонија е земја членка на НАТО, најсилната воена организација во светот. Така што, логичен избор беше Северна Македонија да стане земја членка на Европската Унија, вели министерот Липавски во интервјуто за „Слободен печат“.

Министерот за надворешни работи на Чешката Република Јан Липавски во вторникот престојуваше во официјална посета на Република Северна Македонија. Во фокусот на посетата, покрај средбите со државниот врв беа и разговорите со домашниот невладин сектор за евроинтегративниот процес на нашата земја и конзистентната чешка поддршка на тој план, нашето претседавање со ОБСЕ во светло на руската агресија врз Украина, актуелностите во регионот, како и билатералните односи и соработката. Липавски стана министер за надворешни работи на 17 декември 2021 година. Роден е во Прага, каде што пораснал и завршил гимназија. Пред да влезе во политиката, кариерата ја градел во приватниот сектор поточно во банкарските и информатичките технологии. Тој беше првиот европски челник кој го објави почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.

СП: Г-не Липавски, Чешка го започна претседателството на ЕУ со некој вид претпреговори за меѓувладини конференции и оттогаш наваму имаше многу мал напредок додека односите со Бугарија се влошија. Сега кога францускиот предлог го претвори билатералниот спор со Бугарија во услов за ЕУ, што може земјите членки и ЕУ да направат за да ја намалат ескалацијата на тензиите?

– Мора да разберете дека за да се стане членка на Европската Унија се потребни децении и мора да се сторат многу работи, да се завршат многу нешта. Билатералните прашања не може да се решаваат во Брисел. Но единствениот начин како тие може да се решат е преку дијалог. Позитивна работа е што Северна Македонија е членка на НАТО, тоа е најсилната воена организација во светот. Така што, логичен избор беше Северна Македонија да стане земја членка на Европската Унија, бидејќи со тоа ќе има позитивни придвижувања во нејзината економија, инвестициите, владеењето на правото. Но, за да се постигне тоа, потребно е да се направат многу работи, особено во делот на усогласување на локалното право со правото на Европската Унија.

СП: Што може ЕУ и членките да направат за да гарантираат дека нашиот европски пат е обезбеден, без малигно влијание од Софија кое би можело да води кон ново вето и блокади?

– Патот кон решението е постојан дијалог, потребно е да се работи на дијалогот цело време. Потребно е да се исполнат договорените чекори, па потоа ќе им биде многу лесно на земјите членки на ЕУ да кажат: „Ве молиме, добро размислете пред да преземете таков чекор“. Навистина треба да се завршат многу домашни задачи во овој процес.

СП: Експертите велат дека треба да има раздвојување на пристапниот процес кон ЕУ и билатералните, националистички барања на некои земји кон аспирантите за да се заштити интегритетот на процесот за проширување. Како може Чешка да го поддржи интегритетот на проширувањето со тоа што ќе обезбеди само европските вредности да бидат критериум?

– Реалноста на Европската Унија е дека мора да постои согласност во самиот процес на проширување. Веќе се поставени основните критериуми на кои мора да се работи за да се одржи дијалогот во пристапувањето кон ЕУ.

СП: Сметате ли дека Бугарија го користи членството во ЕУ за притисоци врз Северна Македонија?

– Очигледно е дека билатералните прашања се дел од дискусиите во рамките на Европската Унија. Францускиот предлог го покажува патот што е договорен за да се продолжи, но тоа не е единственото нешто што треба да се исполни. Мора да се продолжи во другите реформи и со промени во законодавството во Северна Македонија, што просперитетно и транспарентно ќе го отвори патот во Европската Унија. Тоа е нешто што мора да биде прифатено од целото општество, како и од политичката сцена. Навистина ѝ посакувам на Северна Македонија да може да го оствари тоа.

СП: На крајот на мината година, амбасадите на Чешка во Скопје и во Софија организираа успешни работилници за олеснување на дијалогот и за помирување помеѓу граѓански организации во двете земји. Како Чешка ќе продолжи – и ќе ја зголеми – својата поддршка за промоција на дијалогот и на помирувањето помеѓу двете страни?

– Горди сме на тоа што го овозможивме овој проект. Како што веќе кажав, дијалогот е многу важен, затоа што и кога ситуацијата е многу тензична, може да дојде до нејзина деескалација преку дијалог. Може да го истакнам примерот со чешко-германските односи, кога со нашиот сосед Германија имавме многу сложена ситуација што беше полна со тензии, но ние се решивме за можноста да се постави една линија. Ги затворивме отворените историски прашања и се одлучивме да се концентрираме на иднината. Се надевам дека истото ќе се случи и со Северна Македонија во односите со нејзините соседи. Повторувам дека дијалогот, отворените дискусии помагаат во решавањето, со тоа ќе се намали стравот помеѓу граѓаните и ќе доведе до решавање на сложените ситуации. Но, секако, тоа зависи од страните на дијалогот како ќе постапат во решавањето. Како држава Република Чешка не можеме да ви го покажеме решението, туку ви го покажуваме патот како да се стигне до решение.

СП: Претставниците на повеќе земји членки на ЕУ велат дека 2030 е годината до која земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, ќе се вклучуваат во ЕУ. Како е овој план, всушност, конципиран и дали е можен?

– Поставувањето конкретни датуми секогаш мора да се прави многу внимателно, затоа што во случај тие да не се исполнат, тоа може да предизвика незадоволство кај одредените чинители. Она што е многу битно во пристапувањето е исполнувањето на поставените критериуми. Мора да се докаже дека е направен вистински избор дека одредената земја треба да стане членка на ЕУ. Да се биде членка на ЕУ и на НАТО е задача што треба да ја исполни целото општество, а не само политичарите. Сите треба да работат на тоа за да се покаже дека тоа е целта што сакате да ја постигнете. Сепак, станувате дел од еден од најголемите пазари во светот. Ќе бидете рамо до рамо со најбогатите земји во Европа. Тоа ќе води кон привлекување странски инвестиции во земјата, луѓето ќе имаат можност да работат во странство и да патуваат. Ова навистина посакувам да се оствари во Северна Македонија.

СП: Доколку се разгледаат медиумите, особено во земјите од Источна Европа, може да се идентификуваат значајни корупциски проблеми со кои се соочуваат. Македонија има проблеми со високото ниво на корупција, како може Чешка од позиција на членка на ЕУ да помогне?

– Не постои лесно решение. Одговорот за решавање на корупцијата е транспарентност во сите постапки. Колку повеќе гледате кој е вистински сопственик на одредени правни лица, каде се движи текот на парите, така се создава сè помал простор за корупција. Со поголемата транспарентност опаѓа и индексот на корупцијата. Можеби дел од рецептот е промена на одредени закони, но секако потребно е многу повеќе работа. Европската Унија и Чешка имаат многу рецепти во однос на намалување на корупцијата, но зависи од Северна Македонија кои од тие рецепти ќе ги примени во решавање на овој проблем.

СП: Околу 70 отсто од граѓаните во земјава даваат поддршката за членство во ЕУ. Колку случувањата во Украина и во Европа може да го забрзаат евроинтегративниот процес на Македонија и на регионот?

– Навистина бројките се многу добри. Јасно е дека општеството сака земјата да стане членка во Европската Унија. Тука мора да истакнам дека нема друг избор, нема друга ЕУ, нема алтернатива во овој процес. Сметам дека и во Брисел веќе станува јасно дека мора да се работи на интеграцијата на земјите во Унијата. Граѓаните на Украина се борат на живот и смрт да не станат губернија што ќе биде под власт на Москва. Доколку тоа не се поддржи, ќе биде стратегиска грешка. Во друг контекст истото важи за интеграцијата на земјите од Западен Балкан. Може да им се помогне индиректно, но сè е во рацете на земјите од ЕУ. Мора да се заврши домашната работа за да се оди понатаму во процесот на пристапување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот