Методиј Хаџи Јанев - професор / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Хаџи Јанев: Да не бевме во НАТО, ќе требаше да платиме многу повеќе за модернизација на армијата

Кога станува збор за планови за модернизација на армијата генерално треба да се одаде признание за таквиот чекор кој го превземаат надлежните. Тоа е така бидејќи во изминатите 30 години како армија но и како држава го загубивме стратешкиот курс во доменот на одбраната. Доколу денеска не бевме членка на НАТО ќе требаше да издвоиме повеќекратна сума за истава намена која е нужност но и обврска поради глобалните превирања. Сепак, сакам да истакнам дека надоградбата на одбраната не се прави за потребите на Алијансата, туку првенствено тоа се прави за наши потреби а потоа за исполнување на стандардите во сојузот, бидејќи ние имаме потреба да бидеме одбранети. Ова го изјави универзитетскиот професор и доктор по науки од областа на безбедноста, Методи Хаџи-Јанев при гостување во „Утрински печат“ одговарајќи на прашање дали се потребни толку високи финансиски средства за вложување во Армијата.

– Изминативе декади средствата кои се одвојуваа за армијата најповеќе се насочуваа кон исплаќање на платите на вработените во одбраната и како армија станавме народски кажано „отпад од донации“. Дел од донациите беа добри, но дел од нив и не толку добри па потоа се соочувавме со дополнителни расходи ради нивно одружување но и потешкотии околу нивното функционирање па во некои наврати дури беа доведени во прашање и нашите одбранбени способности – посочи Хаџи Јанев.

За работите да бидат појасни, појасни дека доколку не сме биле членка на НАТО, цената која ќе моравме сега да ја издвоиме за да ги подигнеме одбранбените капацитети би била неколкукратно поголема.

– Нашето членство во Алијансата е генерално добро кое можеше да ни се случи во овие околности. Но тука би сакал да истакам дека доаѓаме до причините заради кои се вложува во одбраната, а тие се дел наша вина, но дел се резултат на геополитичките земјотреси кои се случуваат на светската сцена. Од друга страна можеби наша најголема вина е тоа што изминативе 30 години ги преспавме и не вложувавме во одбраната. Сега кога се освестиме и сфатиме дека погрешни политики се воделе кон одбраната одеднаш ни стана прескапо. Повторувам безбедноста и мирот се скапи работи – дообјаснува соговорникот.

Професорот додава дека со купувањето на опремата од нашите сојузници, не се купува само бојни коли или муниција туку се гради едно партнерство на повисоко ниво кое има и политичко влијание.

– Доколку купите само летало, а не платформа, во која се вклучени средства за комуникација, детекција, анализа, борбено дејство, тогаш сте купиле скапи превозни средства. Ова го споменувам бидејќи имаме историја за тоа-можете да го проверите.Но да не се лажеме, мудроста во набавката на овие капацитети, не смее да го изостави параметарот на политичко влијание кое го увезувате со капацитетот. Да заклучам, било какви дискусии без да се разберат само дел од овие критериуми (а има уште доста) и услови е не сериозен пристап кој мислам дека не можеме и не би требало да си го дозволиме како држава – заклучува Хаџи-Јанев.

Повеќе од разговорот со Хаџи Јанев погледнете во видеото во продолжение..

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот