
ВИДЕО | Илјадници Израелци протестираат барајќи договор за прекин на војната во Газа и ослободување на заложниците
Илјадници Израелци се собраа вечерва во Тел Авив за да побараат договор за прекин на војната во Појасот Газа и ослободување на заложниците.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Митингот се одржува два дена пред планираната средба меѓу израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон, објави „Тајмс оф Израел“.
Демонстрантите развија голем транспарент на кој пишуваше „Вратете ги сите заложници дома сега“ и се собраа на Плоштадот на заложниците во Тел Авив.
„Единственото нешто што може да го спречи лизгањето во бездната е целосен и глобален договор што ќе ја заврши војната и ќе ги врати сите заложници и војници дома“, рече Лишаи Миран-Лави, сопруга на Омри Миран, кој сè уште е затворен во Газа.
Таа му се обрати директно на американскиот претседател, повикувајќи го да го искористи своето влијание врз премиерот Нетанјаху, велејќи дека продолжувањето на војната ќе го доведе нејзиниот сопруг и другите заложници во уште поголема опасност.
Израелскиот министер за национална безбедност, Итмар Бен-Гвир, го предупреди Нетанјаху да не склучува договор.
„Господине премиере, немате мандат да ја прекинете војната без целосно да го победите Хамас“, напиша тој на мрежата X.
Нетанјаху, кој повеќе нема апсолутно мнозинство во парламентот, зависи од своите крајно десничарски сојузници. Тие отфрлаат каков било договор за ослободување од заложници со Хамас и се залагаат за продолжување на војната сè до уништување на исламистичкото палестинско движење, чиј напад врз Израел на 7 октомври 2023 година ја предизвика војната во Газа.
Во нападот загинаа 1.219 Израелци, според пресметката на АФП врз основа на официјални бројки. Од 251 лице киднапирано тој ден, 47 сè уште се во Газа, а израелската војска верува дека 25 од нив се мртви.
Во израелската офанзива спроведена како одмазда против Газа загинаа 65.926 луѓе, според податоците од Министерството за здравство на владата на Хамас, кои ОН ги смета за веродостојни.