
ВИДЕО | Хрватската полиција спречи европски парламентарци да го проверат третманот на мигрантите на границата со БиХ
Хрватската полиција спречи четворица членови на Европскиот парламент да го проверат третманот на хрватските власти кон мигрантите на границата со Босна и Херцеговина, објави сараевскиот портал Кликс.
Препорачано
Овој портал наведува дека европратениците, кои вчера дошле во Хрватска да ја испитаат состојбата на границата меѓу Босна и Херцеговина и Хрватска, по бројните предупредувања од граѓанските организации и институциите за насилство и кршење на човековите права, биле пречекани со полициска блокада.
Четворицата европратеници, Пјетро Бартоло, Алесандро Морети, Пјер Франческо Мајорино и Брандо Бенефеи, пристигнаа на границата меѓу БиХ и Хрватска за да проверат како Хрватска се однесува кон мигрантите, но хрватската полиција го спречи тоа без аргументи, пренесува Кликс, повикувајќи се на италијанскиот Авенир.
Авенир наведува дека ситуацијата во шумата Бојна, која ѝ припаѓа на хрватската територија, била прилично напната и дека полицијата „го бркала потпретседателот на Комисијата за граѓански права на ЕУ, Пјетро Бартол и неговите колеги, со цел да ги спречи да дојдат на местото каде обично се спречуваат мигрантите да влезат во Хрватска“.
Според овој медиум, патот бил блокиран од неколку полициски комбиња и околу 20 гранични полицајци.
– По долги и бескорисни преговори, делегацијата и тројца новинари ја поминаа полициската лента со намера да стигнат до границата меѓу БиХ и Хрватска, која во тој момент беше оддалечена помалку од 300 метри. Тогаш на полицијата ѝ беше наредено да стигне до групата и да ја спречи да дојде до контролниот пункт во шумата. Полицајците стигнаа до групата, неколкумина ги грабнаа новинарите, додека околу 10 други го блокираа преминот кон парламентарците, наведува Авенир, а пренесува порталот Кликс.
Европските парламентарци прашале што се крие и зошто не им е дозволено да поминат, ако Хрватска ги почитува меѓународните стандарди, како што тврди.
Хрватски дипломатски извори, се додава, се обиделе да ги оправдаат постапките на полицијата, тврдејќи дека присуството на парламентарците можело да предизвика илегални акции на мигрантите од страната на БиХ.
– Ако сметате дека сме планирале да извршиме кривично дело, тогаш треба да напишете официјална жалба и да ни објасните што конкретно сторивме, рекол Бенефеи во горчливиот телефонски разговор со хрватскиот амбасадор во Италија.
Исто така, се наведува дека не е исклучено Европската унија и Италија да побараат од Загреб објаснување за ваквите постапки на полицијата.
Извор: Вјести.ме