/Фото: EPA-EFE/ANDY RAIN

ВИДЕО | „Хитроу“ затворен, пожар во трафостаница го остави лондонскиот аеродром во мрак

Поради пожар кој изби во трафостаница и предизвика прекин на електричната енергија на најголемиот меѓународен аеродром во Европа, лондонски „Хитроу“ ќе биде затворен во петок, соопшти компанијата што управува со „Хитроу“.

– „Хитроу“ се соочува со голем прекин на електричната енергија. За да се осигура безбедноста на патниците и колегите, аеродромот ќе остане затворен „до 23:59 часот на 21 март“, соопшти „Хитроу ерпорт холдинг“.

Компанијата за управување, исто така, предупреди дека очекува „сериозни прекини“ во сообраќајот „во наредните денови“. Според специјализираната веб-страница FlightRadar24, многу авиони веќе биле принудени да ги променат плановите за летање.

Лондонската противпожарна бригада извести за „голем“ пожар во трафостаница во Хејс, западно предградие на британската престолнина, која гарантира снабдување со електрична енергија на аеродромот.

Покрај аеродромот, „голем број домаќинства и бизниси“ во областа исто така доживуваат загуба на електрична енергија, рече Пат Голбурн, портпарол на противпожарната служба.

„Нашите пожарникари неуморно работат во тешки услови за што поскоро да го стават пожарот под контрола“, додаде тој. Хитроу од своја страна ги повика патниците да „избегнуваат“ да одат на аеродромот „пред тој повторно да се отвори“.

Најголемиот и најпрометниот европски аеродром е исто така еден од петте најпрометни во светот кој опслужува над 80 милиони патници годишно, или 230.000 дневно.

Меѓу летовите кои мораа да го сменат курсот беше летот на Квантас од Перт (Австралија), кој беше пренасочен кон Шарл де Гол, Париз (Франција), како и летот на Јунајтед ерлајнс од Њујорк (САД), кој беше пренасочен кон Шенон, Ирска, според податоците на FlightRadar24.

Во својата прва изјава по објавувањето за затворањето на „Хитроу“, Бритиш ервејс, кој има своја главна база на аеродромот, предупредува дека најновите случувања ќе имаат „значително влијание“ врз неговите операции и неговите клиенти.

„Работиме што е можно побрзо да ги информираме за нивните можности за патување во следните 24 часа и понатаму“, се додава во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот