
ВИДЕО: Експерти ја коментираат руската снимка од напад со хиперсонични ракети во Украина
Руското министерство за одбрана објави снимка од, како што тврди, првата воена акција во која се употребени новите хиперсонични ракети. Тие, според Москва, достигнуваат брзина до 10 маха, или 12.000 километри на час и со тоа се недостижни за кој било систем за противракетна одбрана во светот.
Препорачано
Портпаролот на руските сили, Игор Конашенков, рече дека во вчерашниот напад е уништено големо подземно складиште за ракети и муниција на украинското воено воздухопловство во Делатин, во Ивано-Франковската област на западот на Украина.
Сепак, многу брзо се појавија и наводи дека снимката што ја објавија Русите е дел од пропагандата на Москва. Американски официјални лица потврдија дека Русија истрелала хиперсонични ракети кон Украина, но велат дека тоа бил само тест и покажување за Западот на оружјето со кое располага Русија.
▫️Destruction of a weapons depot of the Armed Forces of Ukraine by high-precision missile weapons strike. We can see the exact hit of an underground hangar with weapons and ammunition. pic.twitter.com/sKTF46Tdb0
— Минобороны России (@mod_russia) March 19, 2022
Руските сили никогаш порано во воен судир во кој учествувале во последните години, во Сирија или во Украина, не пријавиле употреба на овие ракети, кои првпат беа тестирани во 2018 година и оттогаш повеќепати беа користени на воени вежби.
Василиј Качин, руски воен експерт и директор на истражувачки центар при Московска школа за економија, изјави за АФП дека руската војска веројатно сакала да ги тестира ракетите во воени услови, за првпат во светот.
Официјална Москва вели дека хиперсоничните ракети се предизвик за сите постоечки противракетни системи, бидејќи патуваат со преголема брзина, но некои западни воени експерти се сомневаат дека Москва ги преувеличува можностите на ова оружје.
За рускиот воен аналитичар Павел Фелгенхауер, употребата на хиперсоничните ракети не ѝ дава на Русија стратешка предност во Украина, но несомнено постои психолошки ефект, затоа што Москва одлучила таму да го искористи едно од своите најразорни и најмодерни оружја.
„Всушност, овој потег не менува многу на воен план, но во секој случај има ефект во смисла на психолошка пропаганда, а тоа е да се сее страв“, изјави тој.