
ВИДЕО АНКЕТА| Во Скопје се гради Ботаничка градина, градоначалничката не дозволува снимање
Се крие ли нешто од јавноста и од граѓаните на главниот град околу изградбата на најавената Ботаничка градина лоцирана во Зоолошката градина? Екипа на „Слободен печат“ се обиде да влезе на просторот од 12.600 метри квадратни во кој треба да се засадат 4.600 дрвја и на скопјани да им презентира до каде е цела работа. Но од страна на Град Скопје не добивме дозвола со образложение дека не дозволуваат снимање и дека од нивна страна ќе биде презентиран проектот. Засега знаеме само дека јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Улици и патишта” работат на уредување на новата Ботаничка градина, лоцирана во Зоолошката градина. На овој простор треба да бидат засадени повеќе од 4.600 уникатни дрвја и садници, ќе се постави нова урбана опрема, видиковци и бројни други содржини за посетителите. Но до каде е работата не можевме да видиме.
Препорачано
Останува да и веруваме на градоначалничката Данела Арсовска дека Ботаничката градина ќе биде ново зелено катче за одмор и рекреација на посетителите, но и за прикази на ретки или необични растенија, едукативни часови од ботаничари, хортикултуристи и градинари, како и настани за најмладите генерации. Последен пат таа изјави дека уредувањето на градината се одвива етапно во фази, екипите на ЈП „Улици и патишта” работат на изградба на пешачките патеки, додека екипите на ЈП „Паркови и зеленило” поставуваат хидрантска мрежа и систем за наводнување пред целосно зазеленување на просторот.
Ги прашавме граѓаните дали знаат дека Скопје ќе добие Ботаничка градина? Дел од нив знаат слушнале или прочитале, но поголем дел не се информирани.
Погледнете ја целата анкета на „Слободен печат“ на колешката Агнеса Чаволи.