
ВИДЕО | Ангелов: Пожарите се подметнати и хибриден напад врз државата
Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов пожарите што изминативе неколку дена се случија во Скопје, најверојатно се подметнати и ги окарактеризира како хибриден напад врз државата.
Препорачано
-Повеќе од сигурно е намерно подметнат пожар бидејќи не е едноставно да се запали ваков објект. Според мене, ова е хибриден напад врз државата бидејќи да се случат олку тешки пожари што предизвикуваат големо загадување на воздухот во главниот град, ќе потсетам најпрво депонијата ‘Вардариште’, потоа депонијата ‘Дрисла’, вчера депонијата во Шутка, денес оваа фабрика зад мене. Значи се работи за намерно подметнат пожар, ние сме мета на хибриден напад, за мотивите може само да погодуваме – рече Ангелов во изјава од Трубарево каде од попладнево беснее голем пожар во фирмата „Ф-Групација“ што се занимава со електорнски отпад.
Англов информираше дека фирмата има два погони на местото каде што избил пожарот во скопско Трубарево што биле зафатени од огнот и дека на самото место имало поголема количина пластика поради што се создал густ, црн и токсичен чад.
-Наша првенствена цел е да не дозволиме понатамошно ширење на пожарот. Од тие причини, сите ресурси што ги имавме на располагање во Градот Скопје итно ги насочивме кон овој голем пожар. Овде на лице место се наоѓаат наголемиот дел од противпожарните возила на скопската Противпожарна бригада. Исто така тука се наоѓаат и три Бе-Те-Ер возила и еден ‘Хермелин’, а цело време дејствуваат еден полициски хеликоптер, еден армиски хеликоптер и еден ‘Ер-Трактор’ на ДЗС – рече директорот Ангелов.
Ангелов додаде дека Ер-тракторот пожарот го гаснел освен со вода и со пена, што помага да се намали горењето и да се спречи ширењето на огнот.
Во моментов, според него, нема информации за повредени луѓе, а за гаснење на огнот побарана е помош од соседните противпожарни единици.
Ангелов го повика Министерството за внатрешни работи и останатите безбедносни служби работат на откривање на сторителите и спречување на намерно предизвикување пожари.
Тој апелираше до граѓаните да пријават сомнително однесување на некои лица.
-Лица што носат туби или шишиња со жолта течност која може да биде бензин или други лица што се однесуваат сомнително особено околу вакви објекти, веднаш да ги пријават во најблиската полициска станица, на бројот 112 или на друг начин – апелираше Ангелов.