
ВИДЕО | Американска војска уби 11 „наркотерористи“ во напад врз брод од Венецуела
Американската војска уби 11 лица, кои претседателот Доналд Трамп ги нарече „наркотерористи“, во напад врз брод што наводно превезувал дрога од Венецуела. Ова е прва позната операција откако администрацијата на Трамп неодамна распореди воени бродови во јужниот дел на Карибите.
Препорачано
Во изјава од Белата куќа, Трамп соопшти дека „застрелале брод што носел многу дрога, што требаше да влезе во нашата земја“. Тој подоцна на неговата социјална мрежа „Трут соушл“ објави видео на кое се гледа како беспилотни летала напаѓаат глисер, кој потоа експлодира. Нагласи дека во нападот биле убиени 11 „терористи“, а ниту еден американски војник не бил повреден.
Според Трамп, екипажот бил идентификуван како членови на венецуелската криминална група „Трено де Арагва“, која уште од февруари е означена како терористичка организација. Тој ја повтори својата обвинувачка реторика дека групата е контролирана од претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, испраќајќи јасна порака: „
Нека ова биде предупредување за секој што размислува да испраќа дрога во САД. Внимавајте!“
Остра реакција од Каракас и молк од Пентагон
Венецуелскиот министер за комуникации, Фреди Нанес, брзо реагираше, тврдејќи дека видеото објавено од Трамп е создадено со вештачка интелигенција. Од друга страна, Пентагон остана без коментар, не давајќи детали за видот и количината на дрогата, ниту пак за начинот на кој бил извршен нападот.
Овој инцидент се случува во услови на зголемени тензии меѓу САД и Венецуела. Американската војска неодамна распореди воени бродови во близина на венецуелскиот брег за да пресретнуваат пратки со дрога, потег што Мадуро го нарече „најголемата закана на континентот во последните 100 години“.