Венко Филипче на анкетна комисија за случувањата во онкологија / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Венко Филипче: Реверсот на Онкологија не го оправдувам, ама е земен за пациентите да не останат без лек!

Пред да станам министер за здравство, во државата имаше систем со кој не се знаеше какви лекови се даваат во државата, најмногу за пациентите со малигни болести и за дијабетичарите, но законот го променивте и оттогаш лековите влегуваат во земјава по европски критериуми, рече поранешниот министер за здравство Венко Филипче на денешната седница на Анкетната комисија за Клиниката за онкологија. Паралелниот увоз на лекови кој постоел до 2018 година, овозможувал лековите што влегуваат во државата да бидат без сертификат за квалитет. Но, потоа се сменил законот и биолошката терапија која дотогаш била недостапна, станала достапна за голем број пациенти и тоа во континуитет, вели екс-министерот за здравство.

Рашела Мизрахи – Анкетна комисија за случувањата во онкологија / Фото: ,,Слободен печат” – Драган Митрески

Тој додаде дека не го оправдува тоа што дел од лековите на Клиниката за онкологија биле набавувани на реверс, но дека тоа е направено за пациентите да не останат без лек.

-Реверсот е за пациентите да не останат без лек. Во јануари имате 100 пациенти со една дијагноза. Во март дошле 20 нови, а првите 100 мора цела година да го примаат лекот. Затоа е земан реверсот. Не го оправдувам тоа, ама нема што да прават. Ќе останеле пациентите без лек. Системот треба да се смени, рече Филипче.

Екс-министерот за здравство кажа оти во неговото министерување се донеле лекови за сите пациенти кои дотогаш ги немало во државата.

-Политичката одговорност треба да се бара претходно, зошто немало лекови, односно имало, ама само за мал број пациенти. Не сум дал иницијатива да се воведе КАТО систем. Ако сум дал предлог, ќе сум го имплементирал. До моментот на моето доаѓање на функција, не сум знаел ништо за Клиниката за онкологија.

Венко Филипче на анкетна комисија за случувањата во онкологија / Фото: ,,Слободен печат” – Драган Митрески

Филипче на Анкетната комисија изрази разочараност за настанот кој ја потресе јавноста и за кој рече дека ги поткопува темелите на здравствениот систем.

-И јас и многу други колеги очекуваме брза разрешница и да се тргне дамката од Клиниката, зашто таму работат посветени и чесни лекари и не треба да се герерализира со оние што прават престапи, криминали и индивидуални безобразлуци. Најважната промена беше што кога станав министер, воведовме биолошка терапија и таргет терапија и значително се зголеми квалитетот на третманот. Тоа беше револуционерна промена бидејќи значеше нов квалитет на животот на луѓето кои се борат со канцерот како болест. Овие лекови го продолжија преживувањето и квалитетот на животот и тоа моите колеги од Онкологија го презентираат на симпозиуми низ светот. Ние сме на 3 место на европската мапа за онкологија а пред тоа не беше така. Се воведоа нови лекови за метастатски канцер на дојка, имуно терапија, хер 2 негативен карцином на дојка, имуно терапија за карцином на бели дробови, лекови за рани фази на карцином на дојка, метастатски резистетен простатен канцер и две три специфични терапии за канцер на бели дробови. За време на ковид Клиниката за онкологија имаше специфичен начин на работа и терапијата им беше носена на пациентите до местото на живеење и се воведе психолошка поддршка, истакна Филипче.

Венко Филипче на анкетна комисија за случувањата во онкологија / Фото: ,,Слободен печат” – Драган Митрески

Пратеничката Рашела Мизрахи го праша Филипче дали смета дека екс-директорот доктор Нино Васев работи етички и во согласност со законите и посочи дека сите контролни механизми врз Клиниката биле суспендирани.

Сметам дека улога на Министерството за здравство е да им овозможи пристап до терапија на пациентите и тоа го направивме. И за старите и за новодијагностицираните, да немаат прекин. Се останато е работа на менаџментот на клиниката. Во однос на доктор Васев, мислам дека е одличен професионалец, секогаш спремен да помогне на секого, и во услови на гужва и кога има многу пациенти. Ако постои сомнеж за неговата работа, тоа треба да се истражи, рече екс-министерот.

Рашела Мизрахи – Анкетна комисија за случувањата во онкологија / Фото: ,,Слободен печат” – Драган Митрески

Мизрахи му рече на Филипче дека тој е задолжен како министер во тоа време за контролни механнисми.

Ако имало криминал тоа е во рамките на други истражни институции, не на министерот за здравство, рече Филипче.

Професорката Гордана Силјановска во Анкетната комисија рече дека пратениците знаат дека Филипче е познат лекар, ама пратениците се тука за да утврдат евентуална политичка одговорност. Таа потсети дека се на клиниката за онкологија одело со врзан потпис меѓу медицинскиот директор Никола Васев и економскиот директор Нехат Нухи. Филипче посочи дека ниедна веледрогерија не ја диктирала цената на биолошката терапија, а доказ за тоа е што цената на биолошката терапија опаѓала.

Претседателката на Комисијата Рашела Мизрахи истакна дека владата и Фондот за здравство не ги доставиле до Анкетната комисија документите кои што комисијата им ги побарала.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот