
Ванковска: Не нѐ интересираат фотелји и позиции, ние имаме кауза
Претседателскиот кандидат на Левица, Билјана Ванковска која кампањата за претставување на својата програма ја продолжи со митинг во Велес заедно со претседателот на Левица и носител на листа на ИЕ1 Димитар Апасиев, како и носителот на листа на ИЕ3, Борислав Крмов порача дека тие „не трчале на маратон и не ги задоволувале фотелји туку каузата“.
Препорачано
На самиот почеток Ванковска истакна дека до сега била сама во кампањата, а од денес битката добива нов квалитет. „Посакувам да го изодиме овој пат борбено, чесно и доследно. Она што нас не’ разликува од оние што трчаат на кратки патеки е тоа што ние трчаме маратон. Нас не’ не задоволува фотелја и позиција. Ние имаме кауза“, истакна Ванковска.
Од говорницата во Велес, Ванковска кажа дека во овој град доаѓа само еден ден по нејзиниот главен ривал Гордана Силјановска.
„Нејзиниот настап вчера го проследив со внимание. За момент помислив дека на Силјановска треба да и понудиме членска карта на Левица. Се повикува на Рацин, на Денови, на аргатски маки големи…, што мислиш дека се завртила на другата страна. Кој кого фолира и кој се обидува да го заведе народот ќе видиме за скоро време. Како може да зборувате за социјална држава и социјална правда, а пред вас во првите редови да седат најбогатите. Таа зборува за најсиромашните, а не го гледа лидерот на својата партија кој и обезбеди над 300 илјади евра за кампања“, рече Ванковска.
Ванковска на митингот обелодени дека е закажана и дебата на претседателските кандидати за во недела на Македонската телевизија. Но, како што истакна дебатата ја прифатиле пет од седум претседателски кандидати. Двајцата кои не прифатиле се актуелниот претседател Стево Пендаровски и актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи.
„МРТ обезбеди соочување на кандидатите но нема да дојде врховниот командант на вооружените сили. Како можело таков кукавица да биде избран за врховен командант. Другиот што нема да дојде ќе бил во Сараево“, истакна Ванковска.
Посочи дека таа практично е единствена опозиција на оваа дебата. И како што кажа, таа и Левица бараат не реформа туку радикална промена на се’ постоечко.
„Ќе ви раскажам и една анегдота. Неодамна имав средба со еден претставник на ОБСЕ и тој во разговорот беше многу загрижен и уплашен особено од оној наш весник кој се вика (Р)еволуција. И ми вели, вие ќе кревате револуција, вашите ставови се многу радикални. Од неговите реакции јас заклучив дека тие веќе се уплашени од силата и големината на Левица. Да продолжиме да работиме и успехот е неизбежен. Ќе победиме“, истакна Ванковска.
Таа пред велешани ја претстави и својата програма. Ги повтори ставовите за раскинување на трите договори и упати пораки за сплотеност до конечна победа.