
„Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ ќе останат во правниот поредок?
Рокот до кој требаше да се проверат здруженијата и фондациите за да се избришат оние што во својот назив користат имиња на личности поврзани со фашизам, геноцид, нацизам, Третиот рајх…, како здруженијата на Бугарите во Македонија „Иван Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ истекува утре. Неизвесно е дали во овие два дена Комисијата за употреба на имиња ќе ја заврши задачата – да ги провери сите 17.000 регистрирани здруженија и фондации, колку што им достави Централниот регистар пред еден месец.
Препорачано
Извори од Комисијата за имиња за „Слободен печат“ велат дека уште не заседавале во полн состав, откако двајца членови претходно се откажаа. Се очекуваше вчера на седница на Владата да бидат назначени новите два члена, еден од МАНУ и еден од Министерството за култура, за да може денеска сите петмина да заседаваат и да ги донесат потребните одлуки во предвидениот законски рок.
И од Министерството за правда чекаат Владата да им достави информација дека Комисијата е дооформена, а новиот министер за правда Кренар Лога потоа ќе постапи како што е предвидено во законот, односно врз основа на мислењето на Комисијата ќе донесе решение за неусогласеност, а потоа Централниот регистар врз основа на тоа решение ќе ги избрише.
Од Владата вчера не испратија информација дали Комисијата била комплетирана деновиве или тоа се очекуваше да се случи на вчерашната седница. „Слободен печат“ ја праша Владата и на кој начин ќе работи Комисијата, како ја врши проверката, дали за секое здружение ќе издава поединечно мислење или ќе издава мислење само за оние за кои ќе утврди дека не се усогласени со измените на Законот за здруженија и фондации и што ќе се случува понатаму ако се пробие рокот 16 март.
Законските измени со кои сите здруженија добија рок од три месеци да ги усогласат своите називи, беа донесени есеноска како резултат на силната реакција на македонските граѓани на скандалозните имиња на здруженијата на македонските Бугари, битолското „Иван Михајлов“ и охридското „Цар Борис Трети“, за чија регистрација и постоење се водеа или се водат постапки во повеќе истражни и правосудни институции – во Јавното Обвинителство, Уставен суд и Комисијата за заштита од дискриминација.
Здруженијата се активираа лани откако Бугарија го крена ветото за преговорите на Македонија за членство во ЕУ, а реакциите на македонските власти на здруженијата, односно истрагите и законските измени кои ќе доведат до нивно бришење од Централниот регистар го користи за да ја обвини Македонија дека ги крши човековите и малцинските права на Бугарите.

Пратеничката Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, која беше иницијатор на измените, неодамна за „Слободен печат“ изјави дека Бугарија антифашистичкиот закон го толкува како антибугарски закон иако во текстот не се споменуваат ниту Бугари ниту Македонци. Таа рече и дека во Декларацијата што бугарското собрание ја донесе пред да се распушти, се вели дека измените на законот за здруженија му пркосат на Договорот за добрососедство, па изрази сомнеж дека таа бугарска декларација може да биде причина измените кај нас воопшто да не се имплементираат.
– Земајќи го предвид генералниот амбиент со дрски и невоспитани напади од бугарските политичари и молк и субмисивно однесување од македонска страна, го прашав неколкупати премиерот на пратенички прашања дали оваа декларација на Бугарија ќе ја спречи имплементацијата на Законот за здруженијата во Македонија. Закон донесен во Собранието неспорно мора да се имплементира, но во меѓувреме се случуваат работи, се растура Комисијата за употреба на имиња, тече рокот, а ништо не е стабилно, што предизвикува чувство дека ќе има обид за неимплементација на законот – рече Мизрахи.