
Валверде скршен по прозивките: „Тажен сум, играв повреден за овој клуб“
Фудбалерот на Реал Мадрид, Федерико Валверде, јавно реагираше на шпекулациите по мечот со Кајрат во Лигата на шампионите, во кои се тврдеше дека неговото отсуство од тимот има врска со наводен конфликт со тренерот Чаби Алонсо.
Препорачано
Уругваецот цел меч остана на клупата во Алмати, иако само неколку дена претходно одигра 90 минути во градското дерби против Атлетико. Фактот што не доби ниту една минута на казахстанското гостување предизвика лавина коментари.
Валверде преку социјалните мрежи ги отфрли сите сомнежи и објасни дека неговата лојалност никогаш не била доведена во прашање:
„Прочитав неколку написи што го нарушуваат мојот углед. Знам дека имав слаби натпревари и тоа го прифаќам, но навистина сум тажен. Луѓето можат да зборуваат што сакаат, но никој не може да каже дека одбивам да играм. Секогаш сум давал сè за овој клуб – играв со повреди, со скршеници, без да се пожалам или да побарам одмор.
Со тренерот имам одличен однос. Да, кажувам каде ми одговара да играм, но секогаш сум бил јасен дека ќе настапам било каде и во било кое време. Срцето и душата ги оставив во Реал Мадрид и тоа ќе продолжам да го правам, дури и кога не оди како што би сакал. Се колнам дека никогаш нема да се предадам и ќе се борам до крај“, порача Валверде.
Од неговото пристигнување во Реал, 26-годишниот полуофанзивец одигра 332 натпревари и постигна 32 гола. Оваа сезона е стандарден кај Алонсо, со три асистенции во седум натпревари во Ла Лига, а цел меч одигра и во првото коло од ЛШ против Олимпик Марсеј.
Пред репрезентативната пауза „кралевите“ ги очекува дербито со Виљареал во сабота навечер, по кое ќе се види дали Алонсо повторно ќе му даде поголема улога на Валверде.