Сем Вакнин/фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

ПРЕСВРТ | Вакнин: Европа е руска земја, Украина е вратата за враќање на руското влијание на континентот

Доналд Трамп го враќа светот во 19 век во времето кога светот беше препознатлив по „реалполитиката“. Затоа, за да се разберат денешните геополитички превирања ќе мора да се навратиме во историјата кога се применуваа принципите на баланс на моќта меѓу суперсилите и принципот на ненавлегување во сферата на интерес меѓу моќниците. Од таму, Трамп преку неговите денешни чекори јасно посочува дека со Европа ќе владее Русија, на Америка ќе ѝ припаднат Блискиот Исток и Индопацификот, а Кина ќе биде влијателна во Азија, вели во емисијата „ПРЕСВРТ“ израелскиот аналитичар Сем Вакнин.

– Русија во моментов се фокусира на Европа, а Украина е само почетокот на враќање на влијанието на Москва врз Стариот континент. Слично на Русија, Америка ќе го преземе целото влијание и интерес врз богатиот со суровини Блиски Исток. Потврда на ова мое размислување е експресното повлекување на Русија од Сирија и намаленото влијание таму – вели Вакнин и додава дека Вашингтон чини сè да се зближи со Москва со цел да се оттргне, односно наруши кинеско-руското сојузништво кое негативно влијае врз економскиот раст на Америка во моментов.

Вакнин проценува дека во наредните денови и недели Америка ќе го нападне Иран воено, а цел на нападите ќе бидат нуклеарните капацитети на Техеран за кои Доналд Трамп остро се спротивставуваше уште за време на првиот негов мандат.

-Бидејќи Блискиот Исток сега припадна на сферите на интерес на САД, Вашингтон може да прави што сака таму. Тоа значи дека дефинитивно ќе го нападне Иран воено, а во меѓувреме ќе му дозволи на Израел да освои делови од Либан, Сирија, но и целосно да владее во Газа. Паралелно Трамп ќе го искористи Египет како медијатор за да го спроведе неговиот план за регионот. Сето ова навестува дека Америка е единствената суперсила во регионот, а Израел ќе биде единствениот партнер на Американците на терен, земји кои ќе владеат со Блискиот Исток – оценува Вакнин.

Вакнин е дециден дека Израел е свесен во моментов за геополитиката на Блискиот Исток и Америка му дава отворени раце тој да изврши и преселување, односно етничко чистење на Палестинците од Појасот Газа.

Сем Вакнин/фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

– Единственото решение за конфликтот меѓу Палестинците и Израелците што трае уште од 1882 година е етничко чистење од страна на еден од инволвираните народи. Кога двата народа имаат заедничко тврдење дека ексклузивно го поседуваат правото за една иста територија, во случајов Газа, во отсуство на дипломатија и преговори, единствено решение останува да биде војната. Во исто време етничкото чистење можеби е наједноставниот принцип во конфликтот, а каде што една од нациите таму етнички ќе ја исчисти другата или Израел во најмала рака ќе се обиде да ги премести Палестинците на друга територија. Нетанјаху ќе биде извршителот бидејќи тој ја согледа сегашната геополитичка шанса да ги исчисти, односно физички да ги премести Палестинците од Газа, во што верувам дека ќе успее – заклучува Вакнин.

Целиот разговор со професорот Сем Вакнин можете да го погледнете во видеото погоре и на каналот и порталот на „Слободен печат“ во емисијата „ПРЕСВРТ“ со Дејан Србиновски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!