
Вагнер доби своја американска конкуренција во Африка
Нова закана за руското влијание се појави во Централноафриканската Република. Американската приватна компанија за обезбедување „Банкрофт глобал девелопмент“ би можела да им го украде бизнисот на Русите во таа земја.
Препорачано
Американска приватна безбедносна компанија е забележана на африканска почва, што може да го загрози руското влијание на континентот, пишува „Вечерни лист.хр“.
Една година по смртта на основачот на групата Вагнер, Евгениј Пригожин, Кремљ воспостави целосна контрола врз брендот на оваа платеничка група, која сега е интегрирана во рускиот воен кор за Африка.
Иако бројот на борци Вагнер во Африка е далеку помал отколку на својот врв во 2023 година, Москва продолжува да учествува во воени операции и кампањи за дезинформација во земји како Мали, Нигер и Буркина Фасо. Симболите и униформите на Вагнер сè уште се користат на теренот.
Сепак, деновиве нова закана за руското влијание се појави во Централноафриканската Република. Американската приватна компанија за обезбедување „Банкрофт глобал девелопмент“ би можела да им го украде бизнисот на Русите во таа земја. Според порталот Медуза, а се повикуваат на Асошиетед прес, по обидот за бунт на Евгениј Пригожин против Кремљ во 2023 година, владата на Централноафриканската Република потпишала договор со Банкрофт, кој сега помага во разузнавачките системи и спроведувањето на законот.
Американскиот Стејт департмент тврди дека не бил вклучен во договорот, но изворите сугерираат дека Вашингтон можеби ја прикрива својата улога. Банкрофт, кој е присутен во Африка долги години, сега се натпреварува со Русија за влијание во регионот.
Аналитичарите предупредуваат дека евентуалната загуба на Централноафриканската Република може да предизвика „домино ефект“ и во другите африкански земји.
Централноафриканската Република, која има околу 5 милиони жители и е богата со минерали, злато и дијаманти, се соочува со бројни предизвици. Земјата е меѓу најсиромашните во светот, оптоварена со вооружени конфликти, корупција и неразвиена економија. Руските борци Вагнер со години беа обвинети за кршење на човековите права во таа земја, што доведе до потреба од нови безбедносни партнери.
Банкрофт е непрофитна организација која, иако се декларира како таква, добива значителна поддршка од грантови од САД и Обединетите нации. Од 2018 до 2020 година добила повеќе од 43 милиони долари од САД. Основачот на Банкрофт, Мајкл Сток, рече дека „очекувале Русија да реагира“ на веста за новото партнерство, па затоа испратиле вработен да ги „следи реакциите“.
Вработениот, кој зборуваше руски, беше накратко приведен од руските сили во Централноафриканската Република пред да биде ослободен по интервенцијата на претседателот Фаустин Архангел Туадере.
Додека Банкрофт се обидува да воспостави стабилност во Централноафриканската Република, Русија се соочува со предизвици во одржувањето на своето влијание во Африка.
Аналитичарите сугерираат дека присуството на САД може да ја промени динамиката на моќта на континентот и дека евентуалниот неуспех на Русија во оваа стратешки важна област може да има далекусежни последици за целиот регион.