Протест против рудникот Иловица. Фото: Здрава Котлина

Утре протест против „рудникот на смртта“

Иницијативата „Здрава котлина“ која утре во 11 часот организира протестна блокада против рудникот во Иловица, забранува носење на партиски обележја, транспаренти со партиска содржина, знамиња, маици со партиски симболи. Забрането е според организаторот и да се скандираат партиски слогани.

„За оние кои нема да се придржуваат на правилата ќе се постапи соодветно, затоа што ќе ги сметаме за провокатори кои сакаат да внесат раздор. Како задолжителни реквизити понесете со себе стари метални садови и предмети, дајриња, тарабуки, тапани, труби, транспаренти со искажано лично мислење, усни свирчиња. Целта на звучните реквизити е да се направи силна бучава како чин на несогласување на ставовите на сите досегашни учесници во криминалните постапки на: Вишиот Управен Суд, Управниот Суд и Владата на Македонија! Но и на сите оние кои досега не’ донеле на ова ниво! На нашите потенцијални гробари, сакаме да им испратиме силна и бучна порака дека отсега, па се’ до крајно решение на овој екоциден и геноциден грозоморен проект, нема ниту да ги слушаме, ниту да ги почитуваме, а уште помалку спроведуваме криминалните зделки и одлуки! А тоа ќе важи за секој поединец или партија која ќе има удел во убиството на Струмичката Котлина, а со тоа и на цела Македонија!“ пишува во соопштението од „Здрава Котлина“.

Протестната блокада доаѓа после алармантната вест дека владата ги споила концесиите и дека на повидок е отворање на рудник во Иловица.

Владата донесе одлука со која се спојуваат концесиите за рудникот за експлоатација на минерална суровина руди на бакар и злато на локалитетот с. Иловица, Општина Босилово, со концесијата за експлоатација на минерална суровина руди на бакар и злато на локалитетот с. Иловица- Општина Босилово и Општина Ново Село.

Одлуката е веќе излезена во Службен весник, а потенцијалната концесија ќе трае до 2042 година. Со објавата повторно се отвори пат да се почне со експлоатација на бакар и злато од струмичката околина.

Организаторот на утрешниот протест  ја отфрла идејата на СДСМ за референдум за прашањето дали да се отвора рудникот и го смета истото за обид да се обесхрабри јавноста од протести и изразување на револт против рудникот и загрозувањето на земјоделскиот крај.

Оттаму додаваат и дека Уставниот суд во 2018 пресудил дека локални референдуми не се уставни за рудници.

Блокадата ќе се одржи утре, на 15 јули со почеток во 11 часот, на раскрсницата на центарот во Струмица веднаш до градскиот пазар „Глобал“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!