Коридор 8
Модернизација на Коридор / 10.02.2021 / Фото: Влада на Република Северна Македонија

Уставниот суд ја образложи одлуката да не поведе постапка за законот за „Бехтел и Енка“, Антикорупциска не е задоволна

Од Антикорупциската комисија што ја достави иницијативата, не се задоволни од судиската одлука, за која сметаат дека е далеку под нивните очекувања и не го дала бараниот одговор дали е направена повреда на Уставот.

Уставниот суд на својата веб-страница јавно образложи зошто решил да не поведе постапка за специјалниот закон што му овозможува на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ да ги гради автопатите од коридорите 8 и 10. Во Решението У.бр.85/2021, Судот детално ги образложува членовите од овој „лекс специјалис“, а накусо според нивната одлука – тој не е законодавно-правен преседан, не значи повреда на владеењето на правото, нема ризик од корупција и законот не ја загрозува слободата на пазарот. Од Антикорупциската комисија која ја достави иницијативата, не се задоволни од судиската одлука, за која сметаат дека е далеку под нивните очекувања и не го дала бараниот одговор дали е направена повреда на Уставот.

За уставните судии неосновани се наводите дека законот претставува висок ризик-фактор на корупција и судир на интереси, бидејќи во оспорениот закон не е отфрлена прекршочната и кривичната одговорност за учесниците во постапката. Исто така, за нив оспорениот закон не ја загрозува слободата на пазарот и претприемништвото, бидејќи државата се јавувала како субјект на пазарот кој номинира стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на автопатите, а не како регулатор на пазарот кој обезбедува еднаква положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба.

– Наводите во иницијативата дека имало правна празнина – недореченост во однос на составот, квалификациите и стручното портфолио на членовите на Комитетот за преговори, всушност претставуваат барање за изменување или дополнување на Законот со нова содржина, што е прашање од надлежност на законодавецот. Уставниот суд, во рамките на своите уставно определени надлежности, ја оценува уставноста и законитоста на прописите во правниот поредок, во смисла што ја оценува уставноста на одредбите од оспорениот закон што се содржани во него, но нема надлежност да оценува за тоа што Законот не содржел, а требало да содржи според мислењето на подносителот на иницијативата – стои во решението на Уставниот суд.

Билјана Ивановска, претседателка на Антикорупциската комисија, за „Слободен печат“ вели дека со своето решение Уставниот суд ја потценил интелигенцијата на стручната фела, но и на јавноста. Коментирајќи ја одлуката на уставните судии, таа додава дека образложението е далеку од она што го очекувале.

– Не добивме одговор дали е прекршен членот 55 од Уставот, кој регулира дека специјални закони може да се донесуваат доколку станува збор за проекти од одбраната, заштитата на човековата околина, здравјето на граѓаните. Би рекла и дека со една таква одлука, за отфрлање на нашата иницијатива, во којашто беа детектирани високи ризици од корупција, Уставниот суд ја потцени интелигенцијата на народот и на стручната фела. Затоа и одговорот е далеку под нашите очекувања – додава Ивановска.

Инаку, за судиите нема проблем и што законот е донесен по скратена постапка, бидејќи тоа го овозможува Деловникот на Собранието.

– Имајќи ја предвид уставно пропишаната надлежност на Уставниот суд, предмет на уставно-судска анализа при оцената на уставноста на постапката за донесување конкретен закон може да биде само прашањето дали тој закон во фазата на гласање го добил потребното, со Устав предвидено мнозинство гласови или не. Уставниот суд нема надлежност да цени дали постапката за донесување на оспорениот закон е во согласност со Деловникот на Собранието или со други одлуки, резолуции, препораки и заклучоци на Собранието – се додава во решението.

Одлуката е изгласана со мнозинство гласови.

По донесувањето на Законот, од Антикорупциската комисија посочија дека ќе продолжат да си ја вршат работата, да превенираат и да укажуваат на сето она што се коси со јавно искажаната намера за борба против корупцијата. Меѓу другото, од ДКСК прашаа зошто ако нема ништо спорно во фактот дека Владата решила да го избере „Бехтел и Енка“ за свој стратешки партнер, не го поднела законот по редовна постапка.

Владата кон крајот на март соопшти дека потпишале Меморандум за соработка со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, со кој тие целосно ќе ги проектираат и ќе ги изградат овие делници по принципот „клуч на рака“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот