
Уставната жалба ќе ги намали тужбите на Македонците во Стразбур
Пратениците не смее веќе да дозволат нашите граѓани да не можат да го остварат своето право во матичната држава и директно да одат во Стразбур. Тоа ја чини државата материјални средства, но му штети и на меѓународниот углед, кој е многу битен, а ние често губиме случаи пред Судот во Стразбур, нагласи судијката Добрила Кацарска на одбележувањето на јубилејот на Судот.
Шеесетте години постоење на Уставниот суд е само потврда на капацитетите на нашиот систем и доказ за истрајноста и непоколебливиот пристап во изградбата на правната држава.
Препорачано
Согледувајќи ја уставно-правната матрица не може да не се констатира дека волјата на владеењето на правото е посилна од сите системско-политички аномалии, рече вчера Добрила Кацарска, претседателка на Уставниот суд на Македонија, во обраќањето при одбележувањето на 60-годишнината на институцијата што ја предводи. По повод јубилејот во републичкото Собрание се одржа меѓународна конференција со наслов „Уставно-судска заштита на слободата на мислата и слободата на јавно изразување на мислата“.
Судијката Кацарска истакна дека нашата држава минала низ неколку уставни трансформации и бележи континуиран развој.
– Самиот факт што овој јубилеј е двојно подолг од нашата самостојност како држава упатува дека чуварите на Уставот низ сите премрежиња и комплекси покажале детерминираност и наклон кон правните начела и вредности – рече таа.
Кацарска ја искористи и оваа пригода да зборува за важноста во државата конечно да се воведе правниот институт уставна тужба, односно уставна жалба.
– Нужна е потребата од проширување на Уставниот суд во делот на индивидуалната заштита. Во уставно-правната теорија, таа можност е дефинирана како уставна тужба или уставна жалба, а во пракса тоа би значело заштита за сите слободи и права на граѓаните – рече Кацарска.
Таа ги повика носителите на највисоки државни функции да влијаат врз процесите на дополнувањето и зајакнувањето на Уставниот суд и ги охрабри граѓаните да бараат правна заштита од Уставниот суд пред да се изложат на финансиски последици надвор од државата.
Во изјава за медиумите по обраќањето, Кацарска рече дека за воведување на уставната жалба е потребна политичка волја и ги повика пратениците од идниот парламентарен состав веднаш да се зафатат со таа реформа.
– Претседателот Стево Пендаровски во првата прилика кога го викнав државниот врв на состанок во Судот, даде безрезервна поддршка, а исто и министерот за правда Кренар Лога дава поддршка за уставната жалба. Искрено се надевам дека сите други политички чинители ќе ја сфатат пораката што ја повторувам две години. Пратениците се оние што мора да внимаваат на заштитата на сите права на граѓаните. Не смее веќе да дозволат нашите граѓани да не можат да го остварат своето право во матичната држава и директно да одат во Стразбур. Тоа ја чини државата материјални средства, но му штети и на меѓународниот углед, кој е многу битен, а ние често губиме случаи пред Судот во Стразбур – рече Кацарска.
Кацарска рече дека тема на меѓународната конференција е слободата на изразување на мислата.
– Три одлуки на Уставниот суд одат во интерес дека медиумите мора да бидат слободни, без цензура, која е забранета со Уставот. Никој не смее да ги напаѓа медиумите и тие мора да добиваат информации од јавен интерес, затоа што граѓаните мора да знаат сè што се случува во државата – рече Кацарска.
Претседателот Пендаровски во своето обраќање ја пофали одлуката на Уставниот суд за пресудата за „27 април“, со која е утврдена повреда на правото за слободно изразување на мислата.
– Освен нападот кон нашиот демократски уставен поредок и нашите пратеници, беа нападнати и новинарски екипи што известуваа. Вашите одлуки со кои утврдивте повреда на правото за слободно изразување на мислата, се праведна сатисфакција не само за нападнатите новинари, туку и за целокупната демократска јавност – кажа Пендаровски.
Според него, судиите од Уставен суд успешно се носеле во текот на мандатот.
Американската амбасадорка Анџела Агелер алармираше да се почитува независноста на судиите за кои рече дека „треба да бидат слепи на политичките влијанија и јавните мислења“. Таа посочи дека американски уставен суд смета дека Уставот не е напишан во песок за да се измие со секој бран од нови судии што се под влијание на политички бранови.
– Притисокот што е ставен на судиите во овие судови може да биде огромен. Ние како граѓани инсистираме тие притисоци да бидат елиминирани, а нашите судии секогаш да бидат независни, без разлика на нивните лични мислења – кажа Агелер.
Таа посочи дека има слушнато за притисоци врз македонските судии и судската власт.
– Притисоци врз судската власт во Северна Македонија е нешто што мора да престане, судиите мора да бидат ослободени за да го практикуваат правото. Граѓаните го бараат тоа – рече таа.