Доктор Мери Пешевска, онколог / Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска
Доктор Мери Пешевска, онколог / Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска

Условна казна за онкологот Мери Пешевска досуди Кривичниот суд Скопје

Онкологот доктор Мери Пешевска денеска доби алтернативна мерка условна казна од 2 години за несовесно лекување болни која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново дело. Таа беше обвинета за несовесно лекување болни на Клиниката за онкологија и самата призна вина дека ги оставала факсимилот и лозинката од внатрешниот компјутерски систем да ги користат други специјалисти и специјализанти на Клиниката. Поради тоа, според Обвинителството на 7 пациенти кои сега се покојни им биле препишувани лекови и терапии од кои им се влошило здравјето. Освен условната казна, Пешевска е задолжена да плати судски трошоци, додека имотно-правните барања на семејствата на пациентите ќе се решаваат во граѓанска постапка. Судијката Снежана Марковска рече дека казната не значи избегнување на одговорност туку предупредување што може да ја постигне целта на казнувањето. Со условната казна судот смета дека може да се заштити општеството од криминал без да се примени ефективен затвор. Марковска истакна дека судот ги разгледал и олеснителните и отежнителните околности и го применил начелото на индивидуализација.

Пешевска беше обвинета дека на директорот на клиниката Никола Васев му оставила на располагање свој факсимил и лозинка за влез во компјутерскиот систем, за тој во нејзино име да препишува терапија на свои пациенти, која терапија според Обвинителството била несоодветна и довела до тешко нарушување на здравјето на 7 онколошки пациенти кои сега се покојни.

Пешевска призна дека факсимилот и лозинката за влез во компјутерскиот систем на Онкологија од 2018 до крајот на 2022 година ги оставала на располагање на шалтер на други лекари и на специјализанти, ама не за да оствари корист или за да се случи несовесно лекување – туку за пациентите побрзо да се прегледуваат и да не чекаат за да ја примат терапијата.

-Сакам да појаснам пред судот и сите присутни дека за сите 7 пациенти јас воопшто не бев ординирачки онколог. Тоа биле пациенти на доктор Никола Васев, децидна беше докторката додавајќи дека таа ниту им препишувала терапија на седумтемина за кои Обвинителството тврди дека погрешно биле лекувани, ниту пак го водела нивното лекување.

Според доктор Пешевска, специјализанти и други онколози влегувале во системот со нејзините податоци, но нејзината намера била во интерес на пациентите.

Јас го дадов своето корисничко име и лозинка во амбуланта, а факсимилот ми стоеше на шалтер. Тоа беше за доброто на пациентите, за да не се малтретираат и да не се враќаат, побрзо да завршат работа за крвна слика, навреме да ја завршат терапијата и да се вратат дома.

Никогаш не сум помислила дека тоа ќе биде злоупотребено од страна на доктори онколози како што е случајот сега. Досега сме имале почит и доверба кон колегите, никогаш не сме се посомневале во стручноста, искуството и намерите.

Оттука јас, поради мојата небрежност и невнимание ги ставив на располагање моите лични податоци, корисничко име и лозинка и факсимилот и истите биле злоупотребени. Но оттогаш па наваму печатот е со мене, а компјутерот не го оставам ни секунда вклучен ако не сум таму. Порано на шалтер во „Мој термин“ други луѓе закажуваа прегледи за снимања на мои пациенти, а сега исклучиво тоа го правам јас после овој случај, рече доктор Пешевска во завршниот збор минатата недела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот