
Улицата Рајко Жинзифов блокирана со автомобили, не може да помине ни пожарна ни брза помош
За проблемот со кој секојдневно се соочуваат, без оглед дали е работен ден, празник или викенд и за кој велат дека и „градските и сите власти веќе подолг период се глуви“, реагира жителкa на Буњаковец. Тaa ја раскажа маката со која живеат жителите на просторот околу ТЦ „Буњаковец“.
Живеењето во централното градско подрачје сѐ помалку е привилегија, а сѐ повеќе е проблем за граѓаните, главно поради недостигот на места за паркирање. И наместо да се намалува и да се бараат решенија, од година во година, поради постојаната и непрекината изградба на згради на местата каде што претходно биле куќи на еден или на два ката, проблемот само се продлабочува. Кон ова придонесува и фактот дека оној што купува стан, не мора задолжително да купи и паркинг-место во подземните гаражи на новите станбени згради, особено што цените на паркинг-местата ограничени со две бели линии од страните се движат колку квадрат станбена површина, а некаде и поскапо.
Препорачано
Па, така, цели улици во најцентралните населби во оваа општина се претворени во паркиралишта за резиденти, со узурпирани тротоари или една лента од коловозот со автомобили каде што улиците се еднонасочни.
За проблемот со кој секојдневно се соочуваат, без оглед дали е работен ден, празник или викенд и за кој велат дека и „градските и сите власти веќе подолг период се глуви“, реагира жителкa на Буњаковец. Тaa ја раскажа маката со која живеат жителите на просторот околу ТЦ „Буњаковец“.
Опциите за паркинг се катната гаража спроти „Дестан“ на која многу ретко во работно време има место, а особено нема шанса да се паркира во петок и во сабота навечер, затоа што очигледно сите што излегуваат во Дебар Маало паркираат тука. Втора опција е „сектор Буњаковец“, кој го опфаќа уличниот паркинг зад Буњаковец, „Цреша бар“ и целата улица Рајко Жинзифов (која завршува слепо на автобуската постројка што излегува на „Партизанска“). Третата и за мене најболна опција е мојата приватна гаража, која се наоѓа токму на крајот на улицата Рајко Жинзифов спроти новоотворениот „Веспа бар“, до која се доаѓа преку преминот, веднаш до семкарницата – раскажа за „Слободен печат“ жителка што сакаше да остане анонимна.

Како што тврди таа, овој премин што води до гаражите, континуирано е блокиран од автомобили и нема можност ни да се излезе ниту да се пријде до сопствената гаража.
Со две мали деца сум се наоѓала во ситуации да треба на раце да ги носам од поликлиника „Млин Балкан“, до зградите кај Буњаковец, од причини што немало никакви шанси да паркирам на означените места за кои воедно плаќам месечен надоместок. Улицата кај „Цреша бар“ е тотално закрчена 24/7, колите се паркирани една до друга во неколку редови, сѐ е тотално блокирано (не дај боже да треба пожарна или брза помош да дојде), додека фраерите сопственици на возилата спокојно си јадат ќебапи во „Фонтана“ и си „џускаат“ во „Веспа бар“, „Синатра“ и „Цреша“. Секако дека градоначалникот на Општина Центар не одговара на имејл и слично, а пајак-службите се оградуваат од надлежност и одговорност – реагира таа во писмо до нашата редакција илустрирајќи го проблемот и со повеќе фотографии.

На прашањето до Општина Центар дали имаат некаков план како да им помогнат на овие жители, оттаму објаснуваат дека на оваа улица ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ редовно постапува.
Улицата Рајко Жинзифов, кај „Цреша бар“ до крајот од улицата што е „слепа“ пред автобуската на Партизански одреди, е резидентна улица само за жителите што имаат кориснички договор во сектор Буњаковец. ЈП ПОЦ на резидентната улица редовно постапува со ДПК-дневни паркинг-карти, доколку се работи за возило кое не е резидент во секторот. Остатокот на улицата Рајко Жинзифов, која продолжува по „Цреша бар“ во спротивна насока од „Партизански одреди“, е комерцијална и се регулира со СМС-порака. Надлежните служби на ЈП ПОЦ постапуваат со ДПК по извршен увид дали возилото има регулиран паркинг со СМС или со месечни, неделни, дневни паркинг-карти или, пак, жителски договор – велат од Центар.
Но, оттаму не прецизираат дали се бара некое решение за хаосот со паркирање во овој дел.