
Улица во Капиштец шест месеци се реконструираше и уште шест се „цртаат“ пешачки премини
Жителите на улицата Елисие Поповски Марко повеќе не возат преку дупки на улицата, но во дел од неа и натаму се движат по улица поради паркираните автомобили и поради фактот што пред вклучувањето на Водњанска од едната страна воопшто нема тротоари, а од другата се претесни и узурпирани од автомобили па е невозможно нивното движење. Велосипедски патеки – нема.
Улицата Елисие Поповски Марко во Капиштец, која се протега од Водњанска до почетокот на Загребска, откако со месеци се реконструираше и доби нов асфалт, сега со месеци, на неа и на споредните улички трае исцртувањето на пешачките премини.
Препорачано
Жители на улицата реагираат дека по завршувањето на реконструкцијата на оваа многу фреквентна сообраќајница немало исцртан ниту еден пешачки премин, а од неодамна додека сите споредни улички добиле по два три премини, некаде и на растојание од 50-метри, по целата должина на Елисие Попоски е исцртан само еден.
Не ми е јасно што прават и дали работат по некаков план и проект или не. Каде да погледне чиовек наоколу, во уличките кои излегуваат на главната, изнацртаа еден куп пешачки, а на неа само еден. Улицата е многу фреквентна, нема ни прегледност од паркирани коли, па уште без пешачки, навистина е тешко да се помине, особено за децата и повозрасните граѓани – се пожали жител на улицата во нашата редакција.

На прашањето до Општина Центар дали пешачките премини се исцртуваат врз основа на некој сообраќаен проект, анализа на состојбата на улицата или се поставуваат колку да ги има некаде и дали сметаат дека еден премин е доволен за безбедно минување на улицата, оттаму велат дека според информациите што ги добиле од ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, обележувањето уште не било завршено.
ПОЦ информира дека пешачките премини се обележуваат врз основа на сообраќаен проект. Пешачките ги бележиме според моменталните теренски можности и услови, така што улицата Елисие Поповски Марко сѐ уште не е завршена и е во тек, така што ќе бидат обележани сите пешачки премини согласно проектната документација – тврдат од Центар.
Оттаму не прецизираат зошто оваа активност се спроведува толку бавно и какви услови се погодни за да се обележи хоризонтална сигнализација, но во меѓувреме, додека ги чекавме нивните одговори, обележан е уште еден премин на улицата.
По дупките на улицата Елисие Поповски Марко се „кршат“ возила
Реконструкцијата на Елисие Поповски Марко започна минатата есен и траеше околу шест месеци и Општината ја чинеше околу 13 милиони денари. Градежните работи ги изведуваше Друштвото за завршни и занаетчиски работи во градежништвото ИЗОЛАЦИЈА Дамјан Силјановски и др. ДОО Увоз-извоз-Скопје. На улицата се постави нов асфалт на површина од 4.822 метри квадратни, се подигнаа и нивелираа постојните шахти, и се поставија нови рабници.
Со реконструкцијата ќе се овозможи намалување на сообраќајниот метеж и подобрување на севкупната сообраќајна безбедност за возилата, пешаците и за велосипедистите. Покрај тоа, со реконструкцијата ќе се овозможи и подобар и побрз пристап до клиничкиот центар „Мајка Тереза“ преку оваа улица – посочија од Општината пред почетокот на реконструкцијата.
Тамошните жители повеќе не возат преку дупки на улицата, но во дел од неа и натаму се движат по улица поради паркираните автомобили и поради фактот што пред вклучувањето на Водњанска од едната страна воопшто нема тротоари, а од другата се претесни и узурпирани од автомобили па е невозможно нивното движење. Велосипедски патеки – нема.