
УЈП ќе плаќа дебела провизија на агенција за привремени вработувања, склучила договор за изнајмување работници за над 300.000 евра
Како и лани и во 2022 година, така и годинава склучен е рамковен договор за привремени вработувања. Дали е поисплатливо трајно вработување или агенциски надоместок од 8,1 процент од секоја бруто-плата?
Управата за јавни приходи склучила договор за привремени вработувања со Агенцијата „Контакт бизнис“ во износ од 19 милиони денари со ДДВ, или 309.000 евра. Агенцијата треба да и даде работници кога ќе и потребаат, а за тоа ќе си наплати провизија од 8,1 процент од бруто-платата на секој изнајмен работник. Или, ако нето-платата на работникот е 30.000 денари, тоа во бруто износ е 44.712 денари, а Агенцијата ќе си земе провизија од 3.621 денар. На договорот ставија потпис директорката на УЈП Елена Петрова и управителката Ирена Стојковска, договорот е склучен за две години, или како што пишува во него до искористување на средствата. Агенцијата е должна да им ги исплати платите на вработените најдоцна до 5-ти во месецот за претходниот месец. УЈП е должен да ја плати фактурата на агенцијата за привремени вработувања во рок од 30 дена, со пресметаните бруто плати провизијата.
Препорачано
Ова не е првпат УЈП да склучува договор за привремени вработувања. Договор склучи и на 17 јануари минатата година кога од страна УЈП се потпиша тогашната директорка Сања Лукаревска, додека на другата страна беше истиот потпис – од управителката на „Контакт бизнис“ и тоа во износ од над 370.000 евра, но со значително пониска агенциска провизија од 6,75% проценти од бруто-плата.
Пребарувањето на сајтот за јавни набавки покажа дека ваков договор, со истата агенција за привремени вработувања имало и во 2022 година. Тогаш, истите потписи биле ставени на договор од дури 422.700 евра. Агенциската провизија била 7 проценти од бруто платите.
Во договорите за изнајмување на работници стои образложението дека носителот на набавката е должен за потребите на договорниот орган да отстапи работници за вршење на привремени работи во следниве случаи: замена на привремено отсутен работник, привремено зголемен обем на работа, работа на проект, специфични неконтинуирани работи кои не се дел од претежната дејност на Управата за јавни приходи, непредвидливи краткотрајни активности што се јавуваат во вршењето на претежната дејност на УЈП, други случаи опфатени со Законот за привремените агенции за вработувања.
Од какви работници УЈП има потреба, „Слободен печат“ го чека одговорот од институцијата. Отворено е прашањето и дали институцијата има постојано потреба од ист кадар на работници и за нив низ годините склучува договори за привремени вработувања. Ако е така, зарем не е подобро да ги вработи и да не плаќа агенциска провизија? За секое вработување во буџетските институции, зелено светло треба да даде Министерството за финансии. Дали воопшто УЈП побарал дозвола за нови вработувања и ако е одбиен, дали Министерството за финансии планира такви вработувања во иднина – се прашања на кои, исто така, очекуваме одговор.
Во меѓувреме потсетуваме на одговорот на УЈП даден во 2022 година за тогашните привремени вработувања. Тогаш било наведено само дека се потребни 33 извршители на разни позиции.
На сајтот Опен дата на Центарот за граѓански комуникации, последен Индекс на рационалност за ангажирање на агенции за привремено вработување изготвен е во 2017 година. Тогаш било констатирано дека процентите што ги наплатуваат агенциите за привремени вработувања се многу различни и дека се движат од 0,77 до 12,98 проценти од бруто платат на ангажираниот работник.
„Анализата на податоците за начинот на којшто се спроведени постапките за ангажирање агенција за привремени вработувања од страна на институциите што се вклучени во изработката на индексот во 2016 година не нуди разумни и економски оправдани аргументи за констатираните разлики во висината на провизијата“, известил Центарот за граѓански комуникации.