
УЈП ги попишал стоките кај двајца увозници на Кванташкиот пазар
Во текот на вчерашниот ден се направени и два пописи, при што е констатирано дека една компанија немала соодветно сметководство – објавија даночниците, најавувајќи дека контролите кај увозниците на овошје и зеленчук ќе продолжат
Големи неправилности на Кванташкиот пазар во Скопје, се констатирани во заедничката акција на УЈП, Пазарниот инспекторат, Финансиската полиција и МВР. Забележано е зголемување на прикажаните залихи, намален број на вработени и исти приходи и расходи.
Препорачано
-Отворени се соодветно насочени надворешни контроли кај 11 субјекти, а во текот на вчерашниот ден се направени и два пописи, при што е констатирано дека едната компанија немала соодветно сметководство – објавија даночниците, најавувајќи дека контролите кај увозниците на овошје и зеленчук ќе продолжат.
На 8 април од трговците на Кванташкиот пазар, беа одземени над 15 тони зеленчук и овошје, а компанијата која управува со пазарот на големо доби кривична пријава, соопштија министерот за економија Крешник Бектеши и Горан Трајковски, директор на ДПИ. Од ДПИ ветија дека ова е само почеток и ќе продолжат контролите на сите локации низ земјава. Ќе се чешлаат и зелените пазари, иако од досегашните контроли е констатирано дека извориштето на проблемот се увозниците на големо.
-На Кванташкиот пазар затекнавме трговци кои не водат евиденција за трговија. Стоките се одземени, донирани и распределени каде што е најопходно. Јас како директор апелирам до сите економски субјекти, со време да си ги платат казните – рече Трајковски.
Управата за финансиска полиција (УФП) до Основното јавно обвинителство – Скопје денеска поднесе три кривични пријави против три физички и три правни лица за постоење на основани сомневања за сторено кривично дело даночно затајување. Како што соопшти УФП, пријавените физички лица, во својство на управители на пријавените правни субјекти, свесно и со однапред утврдена намера со цел да се стекнат со противправна имотна корист за себе и за правните субјекти, во периодот од 1 јануари до 25 април година, значителен дел од набавената трговска стока – прехрамбени производи, евидентирана на залиха во износ од 112.727.586 денари неосновано ја присвоиле за себе и не ја евидентирале во сметководствената евиденција на правните лица како кусок, при што не пресметале, не пријавиле и не платиле ДДВ по даночна стапка од 5 проценти во износ од 5.636.379 денари и данок на личен доход во износ од 12.524.718 денари.
– Со така преземените дејствија, пријавените предизвикале штета на Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 18.161.097 денари, се посочува во соопштението. УФП додава дека дополнително, проверки се вршат и во други правни субјекти на територијата на целата држава, а по завршување на истите со соодветни поднесоци ќе бидат известени надлежните јавни обвинителства.
– Инаку, во изминатиoт период Управата за финансиска полиција во соработка со Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи, спроведе проверки во поголем број на правни субјекти, а во врска со спроведување на Одлуката за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало и за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед.