
Убијците испукале 40-50 куршуми во „Шиша бар“, Бубевски вели дека пресметката е за позиционирање на наркопазарот
Предметот за двојното убиство во Скопската чаршија е во предистражна фаза, а обдукцијата на телата е завршена, информираше во своето вечерашно гостување во емисијата „360 Степени“ на „Алсат“ шефот на Основното јавно обвинителство во Скопје, Гаврил Бубевски.
Препорачано
Без изнесување детали од обдукцискиот извештај, Бубевски со јавноста сподели информации од истрагата.
„Отприлика 40-50 чаури се пронајдени околу телата на убиените…најголем дел од куршумите се завршени во нивните тела, односно многу малку се завршени надвор од тоа“, рече Бубевски.
„Во овој момент не можам да кажам повеќе освен тоа дека се кристализира дека се работи за позиции на наркопазарот, кој очигледно е многу важен за таквите структури“, рече Бубевски.
Обвинителот вели дека за предметот да премине од фаза на предистрага во истрага, клучно е да се знаат конкретните сторители на кривичното дело
За шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, станува јасно дека случајот со двојното убиство во локалот „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија е пресметка за позиции на нарко-пазарот. Сепак, тој додаде дека надлежните сè уште ги истражуваат мотивите.
„Органите на откривање и органите на прогон работат на повеќе аспекти и повеќе размислувања – зошто е дојдено до тој настан од аспект и на тоа кои се лицата кои се жртви, зошто некој би имал мотив овие лица да ги лиши од живот и криминалистички се обработува во повеќе насоки. Во овој момент не можам повеќе да кажам освен тоа дека се кристализира дека се работи за позиции на наркопазарот кој очигледно е многу важен за таквите структури“, вели тој.
На прашањето дали настанот е поврзан со претходни случаи што се јавно експонирани, Бубевски одговори дека има такви индиции.