Полицијата врши увид на местото на убиството во Батинци / Фото: МРТ

Уапсен е помагач на убиството во Батинци, каде човек беше застрелан пред очите на неговата ќерка

Основното јавно обвинителство Скопје денеска поведе истрага против двајца осомничени за бруталното убиство на припадникот на АРМ Агим Муареми, извршено на влезот на селото Батинци минатата недела. Според информациите кои досега ги споделија МВР и ОЈО, мотив за ужасниот чин било тоа што убиениот не сакал да ја даде ќерката да се омажи за убиецот.

„На 11 јули во селото Батинци, осомничените заедно и по претходен договор, со умисла го лишиле од живот сега починатиот Агим Муареми, а притоа го довеле во опасност и животот на неговата ќерка. На наведеното место пристигнале со автомобил „опел астра” со кој управувал вториот осомничен, додека првиот осомничен и уште две засега непознати лица биле сопатници. Со возилото го пресекле патот на автомобилот „киа соренто“ во кој биле оштетените. Првоосомничениот со огнено оружје – пиштол испукал пет куршуми кон сега починатиот и неговата ќерка, притоа нанесувајќи му на оштетениот две огненострелни рани во градниот кош и заканувајќи се дека ќе им го убие целото семејство“, наведуваат од Обвинителството.

„Жртвата успеала да излезе од возилото со цел да спречи убивање или грабнување на неговата ќерка и тргнал кон напаѓачите, на што тие веднаш влегле во нивниот автомобил и избегале. Ќерката повикала роднини кои го пренеле таткото во болница, но тој таму им подлегнал на здобиените повреди“, пишува во соопштението од ОЈО.

Возачот на автомобилот со кој избегал убиецот е уапсен и ОЈО за него предложило притвор. Директниот извршител, Џавит Муса, е во бегство и најверојатно се наоѓа надвор од земјата, соопштија претходно надлежните.

„Потрагата за првиот осомничен продолжува, а јавниот обвинител издава наредби за идентификација и на другите за сега непознати лица инволвирани во настанот“, додаваат од ОЈО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот