
ТВ21: Државата им должи на компаниите 68 милиони евра за поврат на ДДВ
Државата од смената на власта досега натрупала долд од околу 70 милиони евра кон компаниите за поврат на ДДВ, покажуваат податоците на УЈП, во кои имала увид ТВ „21“. До телевизијата пристигнале многу реакции од компании кои тврдат дека УЈП им должи со месеци за поврат на ДДВ. Сумите се од неколку стотици до неколку милиони евра, а доцнењето по 4 до 6, па и 8 месеци, а кај некои и со години.
Препорачано
Стопанствениците велат дека државата со доцнењето директно ја поткопува ликвидноста на компаниите. Дека има доцнење потврдуваат и од Сојузот на стопански комори (ССК).
-Информациите кои што ги добиваме од нашите членки покажуваат дека со повратот на ДДВ се доцни 3 до 4 месеци. Од доцното враќање на ДДВ особено се погодени извозните компании затоа што тие во континуитет се во состојба дека треба да повраќаат ДДВ. Тие можат да бидат доведени во неликвидност затоа што тоа што го заработуваат е помалку од 18 проценти ДДВ колку што обично се плаќа за тоа што го наплатуваат. И многу е важно за да нивните бизнис-операции се одвиваат во континуитет, навремено да се враќа ДДВ-то, вели Орце Симов, потпретседател на ССК.
Податоците ги добила ТВ „21“ покажуваат дека од јули лани до крајот на годината, УЈП добила барања за поврат на ДДВ за над 292 милиони евра, а на компаниите им исплатила 232 милиони евра. Или невратениот ДДВ кон компаниите бил речиси 60 милиони евра. Годинава пак доспеале побарувања од 138 милиони евра, а не биле вратени 8 милиони евра. Или вкупно од јули лани до сега долгот е над 68 милиони евра.