
Турски активист уапсен во Анкара по говорот во Советот на Европа
Турски активист, младински делегат во Конгресот на Советот на Европа, пред кого го осуди „уназадувањето во демократијата“ во Турција, беше уапсен во вторник по пристигнувањето на аеродромот во Анкара, соопштија Советот на Европа и неговиот адвокат.
Препорачано
„Енес Хоџаогулари е уапсен. Тој моментално е во затворот Синкан“, во близина на Анкара, изјави неговиот адвокат Махмут Серен, осудувајќи го „политичкото апсење“, пренесува Ројтерс.
Според адвокатот, на 23-годишниот активист му е издадена потерница по истрагата што ја започнаа турските судови по неговиот говор на крајот на март пред Конгресот на локални и регионални власти, тело на Советот на Европа со седиште во Стразбур.
Турчинот, кој е длабоко вклучен во одбраната на човековите права и ЛГБТК+ луѓето, го осуди „уназадувањето во демократијата“ во Турција по апсењето на опозицискиот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу.
Тој ја обвини турската полиција за „кршење на човековите права“ и „несразмерна бруталност“ против демонстрантите кои излегоа на улиците на земјата.
„Апсењето и гонењето, врз основа на зборовите што ги изговори млад делегат на Конгресот за време на една од неговите пленарни седници, го кршат фундаменталното право на слобода на изразување“, рече Марк Кулс, претседател на Конгресот на Советот на Европа.
Тој ги повика турските судови да ги отфрлат обвиненијата против Енес Хоџаогулари и веднаш да го ослободат.
Турските власти, обвинети за авторитаризам, уапсија околу 2.000 луѓе за време на бранот протести по апсењето на градоначалникот на Истанбул. Повеќето од уапсените оттогаш се ослободени.
Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, одговорен за зајакнување на локалната демократија, има 306 членови кои претставуваат повеќе од 130.000 локални и регионални власти од 46 земји-членки на Советот на Европа.