
Трубарево се гуши една недела по пожарот
Една недела после катастрофалниот пожар кој изби во склад за електронски отпад после што граѓаните дишеа опасни концентрации на тешки метали во воздухот, во Трубарево граѓаните и понатаму се чувствуваат небезбедни и загрозени. За „Тв 24“ жителите на Трубарево бараат властите да преземат итни мерки поради тоа што загадениот воздух се чувствува наутро и навечер. Утре ќе бидат готови резултатите од штипската лабораторија при УГД „Гоце Делчев“ која меѓу другото мери концентрации на канцерогени – кадмиум, олово и други тешки метали. Министерот за здравство Азир Алиу најави дека тимови ќе ги посетуваат жителите на Трубарево, што уште се нема случено.
Препорачано
Последните официјални извештаи направени од Министерството за животна средина покажаа дека по пожарот е регистрирано значително надминување на дозволените граници за ПМ 10 честички, олово, кадмиум и арсен.
„Воздухот е за никаде. Насабајле мириса, труе, не се излегува. Навечер исто. Остануваме внатре, во соба затворени, ептен нешто ако има по потреба. Луѓе се жалат на гради, на уста, тешко дишат…“ велат жителите за „Тв 24“.
„Претходно беше убаво за живеење, сега не може да се излезе надвор, навечер и насабајле. Мириса на барут. Не знам како ќе издражат децата тука да живеат. Има многу деца, стари лица, фамилии… ние сме тука најблиску. Ова не е само тука кај нас, се случува секаде, низ цела Македонија има пожари… Зошто да страда народот, кога не е виновен народот или деца да страдаат? Да се преземе нешто да се види зошто тука е стациониран таков отпад. Ние со години не сме знаеле дека тука имало фабрика на таков отпад, а ете тука сме живееле…“, вели друга жителка за телевизијата.
Повеќе од 500 илјади жители на Скопје и околината, граѓани, деца, мајки, болни и возрасни, беа оставени да дишат отров по пожарот во Трубарево. Олово, арсен и кадмиум во концентрации дури 12 пати над дозволеното имало во воздухот, а власта молчеше, реагираа од СДСМ. Оттаму побараа оставки од министерот за внатрешни работи, министерот за здравство и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување.