Поправките станаа луксуз, цените се вивнаа во небо

Неофицијалната анкета што „Слободен печат“ ја спроведе меѓу домаќините, покажува дека три од пет мајстори ги зголемиле цените во последната година и тоа од 30 до 50 отсто. Граѓаните велат дека секој месец се во грч да не им се случи некој дефект и се потешко се справуваат со зголемените цени на услугите

Изгубен клуч од влезна врата (200 денари), поправка на скинат патент на зимска јакна (500 до 1.000 денари), хемиско чистење капут (1.200 денари), перење и пеглање машка кошула (250 денари), пломбирање или вадење заб (400 до 900 денари), ставање флекници на чевли (300 денари), менување ЛЕД-сијалички за екран на телевизор (4.300 денари), монтирање цевчиња што носат вода во машината за перење (500 до 1.800 денари)… се само дел од непредвидливите дефекти или поправки со кои се соочуваат македонските граѓани.

Растргнати меѓу ниските плати и пензии и цените на услугите, кои може да го нарушат месечниот буџет, сите молат Бога да немаат потреба од некоја занаетчиска услуга.
Неофицијалната анкета што „Слободен печат“ ја спроведе меѓу домаќините, покажува дека три од пет мајстори ги зголемиле цените на нивните услуги во последната година и тоа од 30 до 50 отсто. Нешто помалку од 50 отсто од занаетчиите планираат да ги зголемат цените во наредните месеци, а главното оправдување е недостигот на квалификувана работна сила, како и зголемените цени на суровините и репроматеријалите.

Според граѓаните најголеми се поскапувањата кај мајсторите што работат домашни поправки, но и чевларите, шивачите, забарите, електричарите и водоводџиите не заостануваат.
Експертите велат дека цените на услугите се приближија до месечните суми за храна, но во синдикалната потрошувачка кошница се предвидени само 2,45 отсто трошоци за останати стоки и услуги, кои претпоставуваме дека опфаќаат дел од непредливите трошоци што може да му се случат на едно семејство. Од ССМ се прецизни и како трошок во синдикалната кошница вметнале само 2 набавки на светилки месечно, како и превентивен годишен стоматолошки преглед во годината по еден за секое дете, композитна пломба (средна), а на годишно ниво вкупно 6 пломби за сите четири членови на семејството. Тука е промената на масло, филтер за масло и филтер за воздух, како и потстрижување за жени, мажи и деца.

– Поправките во домаќинството и на автомобилите не се вклучени во Синдикалната минимална кошница – забележуваат креаторите.

Граѓаните велат дека секој месец се во грч да не им се случи некој дефект и сè потешко се справуваат со зголемените цени на услугите.

-Телевизорот се затемни, а стар е само пет години. Дијагнозата на мајсторот беше дека ако се ЛЕД-сијаличките, ќе поминеме само со 4.300 денари, но ако се работи за целиот екран, тоа ќе нè чини 12.500 денари со чекање резервен дел од Србија.

Грубата пресметка покажа дека поминавме со само една петтина од цената на нов телевизор (4.300 денари) – вели еден жител на Аеродром.

– Еднаш годишно одам на чистење на забите, сега платив 1.400 денари, а пред 5 години тоа ме чинеше 800 денари – додава Теди од Скопје.

Весна од Скопје платила 500 денари за промена на патент на зимска јакна. Претходно се распрашала уште на некое место и се фрапирала дека за истата услуга ѝ биле побарани 1.000 денари. Скопјанката Валентина се пожали дека водоводџија ѝ зел 1.800 денари за цевчиња за вода за во машината за перење, а завчера ѝ се направила поплава од нестручната монтажа.

Галопот на услугите ќе стивне догодина?

Услугите со месеци се главната причина за главоболките на централните банкари, како во регионот, така и во еврозоната и во светот. Според аналитичарите, растот на цените на услугите треба да се нормализира следната година. Бранимир Јовановиќ, економист во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, вели дека заработката е важен фактор во формирањето на цената на услугите и учеството на платите е поголемо отколку во цената на стоката. Дополнително, услугите генерално не можат да се увезуваат или извезуваат, па домашните фактори доаѓаат до израз, изјави Јовановиќ за Блумберг Адрија.

Во својата презентација на инвестицискиот појадок на Ерсте, вицегувернерката Ана Митреска неодамна истакна дека дефлацијата продолжува, со инфлација цели што треба да се постигнат до 2025 година, но сепак, видлива е одредена инерција на инфлација одборот, со услуги инфлација надминувајќи ја инфлацијата на стоките.

– Тоа имплицира номинален и реален раст на платите и можни ценовни притисоци – рече Митреска.

Додека порано инфлацијата беше висока поради цените на храната и енергијата, сега инфлацијата главно се должи на растот на цените на услугите.

– Годинава најголем придонес кон инфлацијата има порастот на цените на услугите, што е случај и во другите европски земји, што во голема мера се објаснува со побрзиот раст на реалните плати отколку растот на продуктивноста – објасни за српските медиуми, Милојко Арсиќ од Економскиот факултет во Белград.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот