
Трите смртни закани
Затоплувањето на земјата и климатските промени, опасноста од самоуништувачка нуклеарна војна и чудовишно нараснатата нееднаквост односно глобалната криза на капитализмот се трите проблеми што продолжуваат да се развиваат и растат, меѓусебно помагајќи се и беснеејќи како шумски пожар.
Трите најголеми проблеми со кои ќе се соочува човештвото во 21 век, според тестаментарните зборови на Ерик Хобсбаум, се затоплувањето на земјата и климатските промени, опасноста од самоуништувачка нуклеарна војна, и третата – што е најверојатниот причинител и на првите две – е чудовишно нараснатата нееднаквост односно глобалната криза на капитализмот. Помина безмалку четвртина век од овие пророчки зборови, а сите три проблеми продолжуваат да се развиваат и растат, меѓусебно помагајќи се и беснеејќи како шумски пожар.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Сите три глобални кризи, што фрлаат темна сенка преку сѐ понесигурната иднина на човештвото, за да бидат разрешени или барем за човештвото да може да се зафати со нивното совладување, бараат глобален пристап. Тоа е сосем логично, зашто глобален проблем може да се решава само на глобално ниво. (Што е сосем спротивно од можеби најподлата неолибералистичка „зелена“ максима „Мисли глобално, делувај локално“, која ја префрла одговорноста за глобалните проблеми на секоја „свесна“ индивидуа). А, за да се решава нешто на глобално ниво, основно е единството на целиот свет, на човештвото како такво, што пак практично значи дека е неопходно едно досега невидено ниво на интернационалната соработка и солидарност.
Но, ако ја согледаме современата политичка ситуација на глобално ниво, но и во рамките на најразвиените држави и најголемите економии, не ќе ни треба многу анализа за да заклучиме дека планетата е денес арена на поделби и прегрупирања во табори какви што не се видени од светските војни и „жешките“ денови од Студената војна. Денес развиените земји, следени со ентузијастичките кандидатки и аспиранти, се тискаат околу САД – до неодамна неприкосновениот хегемон на монополарниот свет и глобалниот Север, додека од другата страна е светски мнозинската група на држави на глобалниот Југ, предводени од Кина, Русија и Индија, кои ја остваруваат визијата за мултиполарниот свет без хегемон. Овие поделби се толку остри и антагонистични што САД и сите нивни „стратешки партнери“, вазални држави и држави клиенти, решија преку натоизација на европскиот континент да се престројуваат кон воена економија, да издвојуваат неверојатни 5 отсто од БНП, и да се подготвуваат за светска војна против Русија и земјите од глобалниот Југ кои отворено ја поддржуваат.
Резултатот на ова геополитичко престројување, особено загаден со военохушкачката хистерија со која најмногу – и најстрасно – се занимаваат политичките елити на земјите на Европската Унија, е токму обратен од оној што на човештвото му е потребен. Наместо солидарност и соработка, ние им сведочиме на поделбите што практично не се видени ниту во двете светски војни во мрачниот дваесетти век: со глобалниот Север владеат политички елити што во потполност ја погребаа дипломатската традиција и вештина во Европа. Суров факт е дека европските „дипломати“ сметаат дека прекинувањето на сите контакти со спротивната страна и заканување кон сите што ќе посакаат неутралност или посредништво, дека тоа било дипломатија. Да не беше ова толку трагично, ќе помислевме дека се работи за комични ликови од култната серија на Роуан Аткинсон „Црната гуја“.
Овие денешни поделби на светот практично оневозможуваат какво и да е координирано совладување на кој било поединечно и на сите три заедно глобални проблеми дефинирани од Хобсбаум. Може без претерување да се каже и дека политичките елити што го водат светот денес, прават сè во нивни моќи да ги доведат сите три глобални закани до неповратната точка на нивната сеуништувачка реализација. Самите поделби и подготовките за војна ја отфрлаат и можноста за координирана соработка околу декарбонизацијата и рефорестизацијата на светот, единствените начини за ублажување на катастрофалните последици од климатските промени.
За нуклеарната војна веќе неколку години се зборува на неверојатно инфантилен начин, односно правејќи сè што е можно таа да се испровоцира, воедно јавно говорејќи дека спротивната страна „нема да има муда“ нуклеарното оружје и да го употреби. Неверојатно: малоумните политичари решиле да играат руски рулет за судбината на човештвото, притоа користејќи револвер со 6 куршуми во барабанчето.
Конечно, за ужасната криза на либералниот капитализам, која во минатиот век предизвика две светски војни, веќе никој и не зборува сериозно. Во Европа кризата на либералниот капитализам ја гледаат како тенденција за создавање на „нелиберални демократии“, со кои владеат демократски избрани лидери што меѓутоа практикуваат владеење што не е во согласност со европските стандарди, владеење што тие го нарекуваат „десен популизам“, а сѐ повеќе и фашизам. Но, тие не гледаат дека „нелибералниот капитализам“, „десничарскиот популизам“ или новиот „фашизам“ се само варијанти на капитализмот. И, дека денешните „либерални демократии“ со својот милитаризам, само во нијанси се разликуваат од империјализмот кој го турна светот во Првата светска војна, или од империјалниот фашизам, кој е единствениот виновник за Втората светска војна.
Европа како да заборави дека во 30-ите години Хитлер бил избран на демократски избори, и конечно, дека слични диктаторски режими владееја со целата Европа: Маршалот Пилсудски во Полска, адмиралот Хорти во Унгарија, Мусолини во Италија, Шушниг во Австрија, Сметона во Литванија, генерал Франко во Шпанија, Метаксас во Грција и Салазар во Португалија. Ова тогашно општо свртување кон десно било директна последица од империјалистичката светска војна и од светската економска депресија предизвикана од ломот на Њујоршката берза 1929. Денешните околности се неверојатно слични со тие од пред безмалку еден век: повторно имаме империјално беснеење на либералниот капитализам и економска криза од 2008 што може да се споредува со таа од пред 79 години, кои заедно ја продуцираат армијата незадоволни што ќе им се свртат на „традиционалните вредности“, на идентитетските изживувања како нашите вмровци, и конечно – на чистиот убиствен расизам.
Така и светски познатиот економски и геополитички аналитичар Бранко Милановиќ им се чуди на луѓето што сѐ уште од меѓународни говорници зборуваат за интернационалната солидарност, меѓудржавната соработка и слично, во време кога светот јаросно се дели на политички, економски и воени блокови. Таквата соработка е чиста фантазија, вели тој, во сегашните состојби кои најверојатно ќе превладуваат во следните неколку децении. Суровата реалност укажува на безмалку тоталната неспособност на земјите во блиската иднина да обезбедат меѓународна соработка било на полето на климатските промени, било на полето на епидемиолошките или монетарните политики. „Така што претпоставката дека постои некаков заеднички интерес што го делат сите граѓани на светот е напросто неприменлива во денешни времиња.“
И, кога човек ќе ги чуе бројните говорници кои сѐ уште се повикуваат на заедничкиот интерес, солидарноста и интернационалната борба за опстанок на сите, не може а да не помисли дека луѓето се масовно „заглавени“ во 90-тите години на минатиот век, „кога таквите илузии барем можеа да се одгледуваат“, како што тоа се чини со секоја надеж.
Но денес е тоа можно само ако човек комплетно се одлепи од стварноста, живее во илузиите од минатото, и воопшто не забележува дека во меѓувреме светот се има драстично сменето.
(Авторот е архитект и универзитетски професор)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“