Трговците со пелети ставале маржи до 65 проценти!

Фото: МИА

Според Законот за трговија, доколку не се почитува одлуката на Владата за ограничување на маржата до 10 проценти, ќе има казни од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината на трговецот

Трговците на мало со пелети, ставале маржи до 65 проценти. Ова за „Слободен печат“ го изјавија од Министерството за економија, од каде што потекна и предлогот што го усвои Владата за ограничување на маржата до 10 проценти. Маржа се ограничува и за огревното дрво, кое засега речиси и го нема по складовите, а кое достигна цена од дури 4.800 денари за кубен метар.

Голем дел од граѓаните последниве зими се греат на пелети, откако ги исфрлија печките на дрва, или пак се одлучија за ваков начин, наместо за греење на струја. Печките на пелети се покажаа за погодни за затоплување особено на поголеми куќи, но дел од граѓаните ги поставија и во станови. Најчесто овие печки се поставуваа заедно со радијатори за да се загрева целата површина. И, како што е познато, првата година-две од како стана хит, тие беа добро решение, но уште од минатата година пелетите стана изгор скапи, а годинава, пред зимската сезона, оние што се обидоа да се снабдат на време, открија дека една вреќа со пелети од 15 килограми веќе почна да се продава по 380 денари, за разлика од лани кога можела да се купи по 200 денари.

Државниот пазарен инспекторат излезе на терен да ги прегледа трговците со пелети. Резултат од направените 131 контрола кај трговците беше утврдени 7 неправилности и изречени глоби од 240 до 860 евра.

По овие контроли, каде инспекторите ја „чешлаа“ и продажната цена, на некои купувачи што дале капар за купување пелети, парите им биле враќани, велат членови на фејсбук-групата: „Пелети – група за дискусија, каде да најдеме поквалитетни поевтини пелети“.

„Некои трговци кога почна ова со контролите, почнаа и дадениот капар да го враќаат заедно сосе потпишаната испратница. Одговорот е не можам по капарираната цена да ти испорачам пелети“, пишува еден граѓанин.

Иако дел од купувачите гледаат спас од „набилданите“ цени на трговците токму во лимитирањето на маржата, голем дел од нив бараат место ограничена маржа да има ограничена цена.

„Го молам министерот со прецизни цени да се изјасни, фиксни да ги објави, а не со проценти. Ние потрошувачите не знаеме на која цифра тој пресметува 10 проценти“, е еден од коментарите.

Министерот за економија Крешник Бектеши во повеќе наврати кога зборуваше за ограничени маржи, објаснуваше дека книговодствено лесно се гледа надградувањето од набавната до продажната цена во секоја фаза – од производителот, преку трговецот на големо, па сè до трговецот на мало.

Според Законот за трговија, доколку не се почитува одлуката на Владата за ограничување на маржите, ќе следат глоби во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, од 1.600 до 2.000 евра за мал трговец, од 3.000 до 6.000 евра за среден трговец и од 7.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот