Фото: илустрација / Unsplash / Andreas Haslinger

Третиот мобилен оператор може да го очекуваме дури за година и пол, ако летово добие лиценца

Унгарската компанија „4иГ“ најавува дека доколку добие лиценца за фреквенција за трет мобилен оператор, ќе почне со услуги на македонскиот пазар до крајот на 2026 година. Во соопштение, групацијата наведе дека зголемената конкуренција ќе донесе и пониски цени.

Пал Заранди, директор за стратегии, мобилни и 5Г на „4иГ“ изјави дека веќе неколку месеци работат на подготовки и на воспоставување почетни партнерства на пазарот.

– Кога ќе ја добиеме лиценцата, ќе преминеме на интензивни инвестиции и подготовки за комерцијално лансирање – вели Заранди.

Тој посочува дека унгарската групација е лидер на пазарот во Албанија, а активно работи и во Црна Гора. Има приходи од 1,8 милијарди евра и над 10 милиони корисници. Главната предност на „4иГ“, вели Заранди, е тоа што не е само телекомуникациска, туку е и ИТ ориентирана компанија, па може да ги прошири услугите на македонскиот пазар.

– Ќе донесеме нова конкуренција што ќе го стимулира дигиталниот екосистем. Ќе воспоставиме напредна 5G мрежа со голем капацитет. Тоа ќе придонесе за поголема конкуренција на мобилниот пазар, но и во доменот на фиксниот интернет, бидејќи 5G веќе може да се користи и како алтернатива за домашен интернет. Наш фокус ќе биде мобилната телекомуникација, но имаме и други области во кои се надеваме дека ќе бидеме активни и ќе поттикнеме раст и иновација, вели Заранди.

Во Македонија работеа три мобилни оператори до 2014 година, кога тогашната влада, поточно тогашниот министер за информатичко општество и јавна администрација, Иво Ивановски, дозволи спојување на „ВИП“ и „ОНЕ“ во една компанија, со што практично ја врати состојбата со конкуренцијата во мобилните услуги десетина години наназад. Ивановски потоа се повлече од министерската функција и замина да работи на менаџерска функција токму во „ВИП“, компанијата на мултимилијардерот Карлос Слим.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот