
Трамп започна со големи намалувања на јавниот сектор во САД
Претседателот Доналд Трамп понуди да ги плати речиси сите федерални вработени кои не сакаат да се вратат во канцеларијата, што е голем потег со цел да се намали американската влада, пишува Би-би-си. Во мејлот испратен до милиони вработени во вторникот, неговата администрација ги информираше работниците дека имаат рок до 6 февруари да одлучат дали сакаат да бидат дел од програмата за „одложена оставка“. Доколку се согласат да ги напуштат своите работни места до тој датум, во пораката се вели дека ќе добијат отпремнински пакет од околу осум месеци плата, објави „СЕЕ.биз.еу“.
Препорачано
Администрацијата на Трамп очекува до 10 отсто од вработените да ја прифатат понудата, што би значело околу 200.000 од повеќе од два милиони вработени во федералната влада, според информациите објавени од американскиот партнер на Би-би-си, Си-би-ес њуз. Високи претставници на администрацијата на Трамп изјавија за американските медиуми дека откупните пакети може да ѝ заштедат на владата до 100 милијарди долари.
Понудата вклучува плата и надоместоци за вработените до 30 септември. Одредени вработени не ја добиле понудата, вклучително и поштенски работници, членови на војската, службеници за имиграција и некои од персоналот за национална безбедност, се вели во е-поштата. Пораката од Канцеларијата за управување со персоналот, владината агенција за човечки ресурси, испратена вчера вечерта, исто така, предупреди за идни отпуштања што би можеле да ги погодат оние што ќе изберат да останат.
„Не можеме да ви дадеме целосна сигурност за вашата позиција или агенцијата, но ако вашата позиција биде прекината, ќе бидете третирани со достоинство“, се вели во пораката.
Е-поштата следи по претходната најава на Трамп дека федералните вработени кои работат од далечина од пандемијата ковид-19, ќе мора да се враќаат во канцеларија пет дена во неделата.