Доналд Трамп / Фото: EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

Трамп: Русите не добија ништо во офанзивата

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека Русија речиси и да нема територијални добивки во неодамнешните напади врз Украина, иако потроши огромни ресурси и претрпе големи загуби.

„Со сите тие тешки бомбардирања во последните две недели, тие речиси и да не добија“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа за време на состанокот со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Нема да наречам никого хартиен тигар, но Русија потроши милиони и милиони долари на бомби, ракети, муниција и – животи, нивните животи – и тие речиси ништо не добија“, додаде тој.

Изјавите на Трамп ја нагласуваат неговата промена во реториката за војната во Украина. Неговите обиди да посредува меѓу Киев и Москва досега не успеаја, при што Кремљ ги отфрла повиците за прекин на огнот и продолжува со воздушните напади врз украинските градови.

Американскиот претседател, исто така, рече дека е „срамно“ што Русија продолжува да убива толку многу луѓе, додавајќи: „Путин треба да престане“.

Зборувајќи заедно со Ердоган, Трамп рече дека би сакал Турција да престане да купува руска нафта и го повтори своето барање Европа да престане да увезува руска енергија. Тој додаде дека Ердоган може да има „големо влијание“ врз војната бидејќи е почитуван и од Москва и од Киев. Додека Киев и некои европски лидери ја поздравија промената во реториката на Трамп, други ја гледаат како сигнал дека Белата куќа сака да го намали ангажманот и да префрли поголема одговорност за војната на Европа.

Промената доаѓа во време на зголемени тензии меѓу НАТО и Русија, откако сојузниците ја обвинија Москва за повторени упади во нивниот воздушен простор од страна на руски беспилотни летала и авиони. Трамп потоа рече дека земјите од НАТО треба да соборуваат руски авиони што ги кршат нивните граници – што беше дочекано со одобрување од многу членки на алијансата на исток.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот